Влезот во Царството Божјо не се дарува само заради добрите дела, туку и заради верата. За да го видиме, ние се удостојуваме преку раѓање одозгора, а за да го задобиеме, потребно е со силата на верата да правиме добри дела. Заради тоа, оној кој верува и се крсти со вода и Дух, влегува во Царството како роден за него. И повторно, кој се родил одозгора го гледа Царството Божјо. И дури тогаш, како причислен на војниците и учениците во Царството Божјо, го задобива заради добрите дела што ги чини, а такви дела никој не може да твори пред да постане војник на Царството Божјо. Зашто, како што човечката природа на светлината на овој свет доаѓа, имајќи удел во Адамовата клетва, така пристигнува и на светлината на Царството Божјо, имајќи удел во благословот на Исуса Христа. И ако не постане заедничар во божествената природа на Христа, ако не ја прими благодатта на Светиот Дух, не може ни да помисли, ниту да стори било што, што е достојно за Царството Божјо, не може да изврши ниту една заповед од оние кои Христос ни ги даде како завет; зашто Христос е Оној Кој делотвори во сите оние кои го призиваат Неговото свето име.
Заради ова Бог стана човек, за да во Него, како во Бог, слезе Светиот Дух и да пребива во Оној од Кого не се одвојувал, за да подоцна, преку заедничарење и соединување со Него, Божеството се соедини со секој човек кој со Него општи и кој во едно, односно во волјата Божја, ги приспојува сите свои помисли и желби. Тоа е воскресението на душата во овој живот. Зашто преку општењето и прифаќањето на Богочовекот Исус и преку земањето удел во Него, душата одново оживува и ја прима својата првобитна нераспадливост преку силата и благодатта на Светиот Дух, Кој се прима преку заедничарење со Исуса, па се јавуваат одлики на нов живот задобиен со таа благодат, на тој начин што почнува да Му служи на Бога во светост и правдина пред очите Негови, а не пред човечките, како што говори апостол Павле: „Колку ли повеќе крвта на Христа… ќе ја очисти вашата совест од мртвите дела, за да Му служите на живиот Бог“ (Евр. 9, 14).
Како што во телото кога е живо, очигледни биваат дејствата на душата, така и во душата, кога е жива, очигледни стануваат дејствата на Светиот Дух: добрината, верата, кротоста, воздржанието. Душата, кога преку верата ќе ја прими мислената сила на Светиот Дух, гледа и разбира дека добродетелта не е ништо друго, туку исполнување на волјата Божја, како што и сите љубители на вистинската мудрост, учители и проповедници на Христовото пришествие и на верата во Него учат, дека добродетелта во својата вистинска смисла е тоа, кога секој човек што верува во Христа ја твори исклучиво волјата Божја, однесувајќи се кон богатството на овој свет, како да е мртов за него; така што, само во делата кои се поврзани со исполнување на заповедите Господови тој е препознаен како жив, и дека само во овој круг, тој манифестира движење и енергија. Тоа е клучната одлика за живоста на душата.
Св. Симеон Нов Богослов