Како што има две гордости, така има и две смиренија. Првата гордост е кога некој го прекорува својот брат, го осудува и го понижува, како тој да не знае ништо, а себеси се смета за погоре од него. Таквиот, ако не дојде бргу на себеси и не се поправи, постепено доаѓа до втората гордост, која почнува да се гордее и спрема Самиот Бог и да си ги припишува на себе своите подвизи и добродетели, а не на Бога, како тој самиот да ги извршил, со помошта на своето знаење и со својот ум, а не со Божјата помош.

Од ова може да се види во што се состојат двете смиренија. Првото смирение се состои во тоа: да го сметаме братот за поразумен и во сè поиздигнат од нас, или да сметаме дека сме подолу од сите. Второто смирение се состои во тоа: сите свои подвизи да Му ги припишуваме на Бога. Тоа е совршеното смирение на светиите.

Совршеното смирение се раѓа од извршувањето на заповедите. Кога на овошните дрвја има многу плодови, тогаш самите плодови со својата тежина ги свиваат нивните гранки надолу; а гранките, на кои нема плодови, се стремат нагоре и растат исправено. А има и такви дрвја, како, на пример, лимонот, кои не раѓаат плод, сè додека нивните гранки растат нагоре; ако се земе камен и се обеси на гранката и ја сврти надолу, тогаш таа дава плодови. Така е и со душата, кога се смирува тогаш дава плодови, колку е посмирена, толку повеќе плодови дава.

Затоа и светиите, колку повеќе се приближуваат до Бога, толку повеќе се сметаат за грешни. Така и Авраам, кога Го видел Господ, се нарекол „земја и пепел“ (1. Мој. 18, 27); Светиот пророк Исаија, кога Го видел Бога во височините, извикал: „Тешко на мене, зашто сум човек со нечиста уста“ (Иса. 6, 5).

Ава Доротеј