Тешко ним, оти тргнаа по Каиновиот пат, се фрлија во корисната заблуда на Валаама, и загинаа во буната Кореева.
Тоа се оние што ги поганат вашите вечери на љубовта, јадејќи со вас без страв и се гојат. Тие се безводни облаци, што ветровите ги пренесуваат, есенски неродни дрвја, кои двапати умреле, па се искорнати;
свирепи морски бранови, што се пенат со своите срамоти; ѕвезди лажни, за кое се чува мракот на темнината засекогаш.
А за овие пророкуваше и Енох, седмиот од Адама, зборувајќи: „Ете, иде Господ со илјадници Свои свети ангели,
за да направи суд над сите и за да ги изобличи сите безбожници за сите нивни нечесни дела, што ги беа направиле со своето беззаконие, и за сите лоши зборови, што ги изрекле за Него безбожните грешници.“
Тие се незадоволни гласноговорници, кои живеат според своите желби, а устата нивна произнесува горди зборови, и за корист стануваат ласкатели.
Но вие, возљубени, спомнете си ги зборовите, што ги кажаа апостолите на нашиот Господ Исус Христос;
оти тие ви зборуваа дека во последно време ќе се појават подигрувачи, кои ќе постапуваат според своите безбожнички желби.
Тоа се луѓето што се одделуваат од единството на верата; тие се телесни – и немаат дух.
А вие, возљубени, изградувајќи се во пресветата ваша вера и молејќи се преку Светиот Дух,
запазете се во љубовта Божја, очекувајќи милост од нашиот Господ, Исуса Христа, за вечен живот.
И така разликувајќи ги, едни милувајте, а други со страв спасувајте, истргнувајќи ги од оган и изобличувајќи ги со страв, и гнасејќи се од облеката, испоганета од телото.
А на Оној, Кој може да ве запази да останете безгрешни и без порок, и да ве постави пред славата Своја во радост,
на Единиот премудар Бог, нашиот Спасител преку Исуса Христа, нашиот Господ, слава и величие, сила и власт преку сите векови, сега и во сите времиња. Амин!
Послание на светиот апостол Јуда (1, 11-25)