Емилија Карафилоска
„И вие се угледавте на нас и на Господа,
кога во големи маки со радост
го примивте словото на Светиот Дух.“
– Прво послание на апостол Павле до Солунјаните
Петнаесетте горазди по дух
Ѕвезда ѕирна ѕверејќи се зад изораниот свод
под кој клада им накладоа на овоплотените со Синот Божји,
дума кротко скротена глаголеа заблудените струмичани
не знаејќи за радоста вдахновена од светлоносците
кои под пластови земја блеснаа како сновидение,
оние невино прогонетите од мракот на заблудата,
та удавени во неверното море кое инхалира безљубие,
реликвии на маченици гледаш ко молитви кои го љубат небото,
сетики со хагиографски наратив ти чинат чуда среде безумие и хулие,
чиниш среде Тивериопол потекол поток на наслада и спокој,
петнаесет мошти ко семе на писменоста се вгнездиле при нечија недојдија,
та при чинка и магија среде праскозорје урнек од душа распослале,
од дамнина в помрачина слушаш канонизиран муабет
во пазувите на ризницата на петнаесетте тела в плаштеница упокоени,
чиниш ко в простор внатрешно длабен, надворешно изнајден,аздисуваат,
та везден сведочат за злочестиот чин на Отстапникот – отапен од вера,
та везден вдахнуваат зрак Божја светлина меѓу трепките неверни,
та везден битисуваат во кожурецот на вистинската вистина,
чиниш напев на нашиот христијански постанок се,
чиниш петнаесетте горазди по дух глаголат свети сочиненија
ко секрет кој ја парализира темнината на нечестивиот,
дури погибија им прават на нивниот Божји храм,
го рушат, разрушуваат, срушуваат,
а знаеш, кога ќе ти го срушат кровот,
барем си поблиску до ѕвездите,
до исцелување,
до Бога.
Првонаградена творба на Конкурс по повод Св. Петнаесет Тивериополски Свештомаченици Струмица на Градската библиотека „Благој Јанков Мучето“ (декември 2022 година)