Бог толку го возљуби светот, што Го даде и Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, но да има живот вечен (Јн. 3, 16).

Се чини дека ние, проникнувајќи во тајната на Распетието и воочувајќи ја волјата на Отецот во страданијата на Синот Божји, многу повеќе го чувствуваме ужасот на Божјото правосудие, во однос на сладоста на Неговата љубов. Но, ова треба да нè увери не во отсуството на самата љубов, а единствено во недостатоците на нашата подготвеност да ја примиме нејзината вдахновеност. „Оној што има страв, не е совршен во љубовта“ (1. Јн. 4,18) – вели ученикот на љубовта. Да го исчистиме и рашириме нашето око со љубов, дури и онаму каде тоа гледа како во магла поради стравот од Божјиот суд, па да се насладиме и да ја созерцаме Божјата љубов.

„Бог е љубов“ – вели истиот созерцател на љубовта. Бог е љубов по природа и самата Негова природа е љубовта. Сите Негови својства претставуваат облека на љубовта; сите Негови дејствија се израз на љубовта. Во неа живее Неговата семоќност, во целата своја полнота; таа е Неговата вистина, која го оживува возљубеното; таа е Негова премудрост, кога го уредува постоечкото и го одржува по законите на вистината; таа е Негова благост, кога премудро ги раздава Своите вистински дарови; конечно, таа е Неговата правда, кога степените и видовите на испратените, или задржаните Свои дарови, ги мери со премудроста и благоста, заради највозвишеното добро на Своите созданија.

Приближете се, и погледнете го страшното лице на Божјата правда, и вие сигурно таму ќе го препознаете краткиот поглед на Божјата љубов. Човекот, со својот грев го оградил во себе „вечниот“ извор на Божјата љубов, но оваа љубов се вооружува со правда и суд. Но, зошто? Па, за да ја разруши токму таа ограда што поделува. Бидејќи, ништожното битие на грешникот непоправливо, како грнчарски сад, ќе се скрши под ударите на очистувачкото Правосудие. Токму затоа, недостижниот Душељубец ја испраќа Својата едносуштна Љубов, т.е. Својот Единороден Син, за Он Кој држи сè со Својот моќен збор (Евр. 1, 3), и преку примањето  на нашата плот, но не и на гревот, да ги понесе тешкотиите на нашите слабости, но и тешкотиите на правдата која ќе биде упатена врз нас. Тогаш Единиот, насочувајќи се кон сето човештво, ќе ги уништи стрелите на гневот, и во своите крстни рани ќе ги открие незаградените извори на милосрдието и љубовта, кои ќе ја напојат целата, некогаш проколната земја со благослови, живот и блаженство. Ете, Бог толку го возљуби светот!

Свети Филарет Московски