И така, Еден е Бог и Отецот и Седржителот.

И Еден е Неговиот Вистински Син, Единородниот Бог Логос, Соприроден, Совечен, Единосуштен, рамен на Отецот, по ништо не разликувајќи се од Отца, освен во тоа, што Тој, не е Отец на Единородниот Син; Бог Вистински од Бога Вистинскиот, Седржител од Седржителот, Господ на Сите од Господа на сите, Светлина од Светлината, Единствен од Единствениот, Совршен од Совршениот, Сецел од Сецелиот, бестрасно и предвечно роден од Ипостаста (Личноста) на Отца; преку Кого „сè се држи“ (Кол. 1, 17); Кој е Сила творечка и заштитна; Чие Царство нема да има крај.

И Еден е Духот Свет, Соприроден, Совечен, Единосуштен, Непроменлив, рамен на Отецот и на Синот, по ништо не разликувајќи се од Отецот и Синот, освен во тоа, што Тој не е Отецот или Синот, бидејќи Тој не го раѓа Единородниот и Самиот не бил роден, но исходи од Отецот. Тој не е роден и не е создаден. Тој постои во Својата Сопствена Ипостас. Тој осветува, животвори, ја усовршува и умудрува секоја разумна природа, видлива и умствена, и ја обновува преку Своето Крштение и нè прави синови Божји по Своето милосрдие. Бидејќи Тој е Вистински Бог, Кој говорел преку Пророците и Апостолите; Тој не е ни слуга, ни служител Божји, туку е соработник заедно со Бога, рамен по дејството и Творец по природата. Тој твори блага и совршува подеднакво со Отецот и Синот; со Својата Ипостас (Личност) Тој е секаде присутен и следи сè.

Нема три Бога – да не биде! – туку Еден Бог и Еден Господ. И не е така, дека Еден би бил поголем, а другите помали. И не по словото, туку по Едното Божество и согласие и Царство. Ете што значи „Еден Бог“.

Имајќи го тоа предвид, оние триста и осумнаесет отци, кои го свикале Соборот во градот Никеја, исполнети со божествена премудрост и совршено внимание, од таа причина, што на некои од нив, од непријателите Божји дури им биле отсечени и делови од телото за Христа, кога не се одрекле од таквото исповедање на Вистинската и Непорочна Вера во тоа, дека Вистинскиот Син е Соприроден и Единосуштен на Отецот и дека Единородниот Син не е твар – ги изложиле догматите, кои ги добиле преку Божествениот Дух. Тие го заклучуваат следново: „Верувам во Единиот, Бог Отец, Седржител …“

Каква точност! Навистина, за нив, не било доволно да се рече: „Единородниот Син Божји, од Отца родениот“, туку заедно со тоа, тие рекле: „то ест, од суштноста на Отецот“. Пак, во почеток рекле „Кој слезе“, а потоа „се овоплоти“, за на секој да му стане јасно, дека не од небото нашиот Господ донел тело на земјата, туку од Дева и во Дева натприродно. Од Дева – затоа што Тој навистина од Неа се овоплотил; во Дева – затоа што Суштиот настанал човек, не претрпувајќи измени, како што и Дева родила без да би била разрушена Нејзината девственост; натприродно – затоа што Тој е Бог и оваа тајна е неискажлива. Амин!

Свети Амфилохиј Икониски