Таткото имаше околу четириесет години, Славе десетина, а ежето беше уште помало.
Славе донесе еже во својата шапка, дотрча до креветот каде што татко му седеше со отворен весник и задишан од среќа извика:
– Гледај, татко!
Татко му го остави весникот настрана и го погледна ежето, тоа беше со прчесто носе и симпатично. Таткото ја охрабруваше љубовта на синот кон животните, а и самиот тој многу ги сакаше.
– Убаво еже! – рече таткото. – Симпатично! Од каде го зеде?
– Ми го даде едно момче кај игралиштето, – кажа Славе.
– Значи ти го подари. – појасни татко му.
– Не, направивме размена, – кажа Славе. – Тој ми го даде ежето, а јас му дадов тикет.
– Каков тикет?
– За лотарија, – кажа Славе и го остави ежето на подот. – Татко, треба да му дадеме млеко.
– Почекај малку со млекото! – строго кажа таткото. – Откаде имаш ти тикет за лотарија?
– Го купив, – одговори Славе.
– Од кого?
– Од еден чичко на улицата… Тој продаваше многу такви тикети, го купив за 30 денари… Оф, татко, ежето се пикна под креветот…
– Почекај малку со тој твој еж! – нервозно рече таткото и го натера Слеве да седне до него. – Како така си го дал тикетот на момчето, што ако е добитен?
– Добитен е, – кажа Славе, без да го тргне погледот од ежето.
– Како така добитен? – тивко праша таткото и носот му се нароси со капки пот. – И што беше добивката?
– Фрижидер! – кажа Славе со насмевка.
– Како така?! – таткото почна страотно да трепери. – Фрижидер?!… Шо зборуваш ти? Како знаеш?!
– Како – ами така. Проверив во весниците… Таму се совпаднаа првите три цифри… потоа и останатите… и серијата е иста! Јас веќе можам сам да проверувам, татко! Нели сум веќе голем!
– Голем?! – таткото така просаска што ежето, кое беше доползило на креветот, се свитка во клопче. – Голем?!… Разменуваш фрижидер за еден еж???
– Но, јас си помислив, – рече уплашено Славе, – помислив дека ние веќе имаме фрижидер, а немаме еже…
– Замолчи! – рикна таткото и рипна од креветот. – Кој е тој?! Кое е тоа момче?! Каде е?!
– Тој живее во соседната зграда, – кажа Славе и се расплака. – Се вика Симе…
– Ајде! – одново се развика таткото и го фати ежето со голи раце. – Брзо, дојди!!!
– Не доаѓам, – кажа Славе плачејќи. – Не сакам фрижидер, си го сакам ежето!
– Дојди, безделнику, – се развика таткото. – Само да си го вратам тикетот ќе ти купам сто ежеиња…
– Не… – се расплака Славе. – Нема да ми купиш… Симе и онака не сакаше да се размениме, одвај го убедив…
– Очигледно е многу умен! – саркастично рече таткото. – Ајде, брзо!…
Симе беше дете на околу осум години. Тој стоеше на средината на игралиштето и уплашено гледаше во страшниот татко кој во едната рака го носеше Славе, а во дргата ежот.
– Каде е? – праша таткото нафрлајќи му се на Симе. – Каде е тикетот? Престапнику еден, земи си го ова бодликаво чудо и врати ми го тикетот!
– Тикетот не кај мене! – одговори Симе и затрепери од страв.
– А, каде е?! – извика таткото. – Што направи со него, измамнику? Го продаде ли?
– Од него направив гулаб, – шепна Симе и заплака.
– Не плачи! – рече таткото, обидувајќи се да го смири. – Не плачи, момче… Значи си направил гулаб од него. А каде е сега тоа гулапче?…Каде е?…
– Се заглави на прозорецот… – кажа Симе.
– На кој прозорец?
– Ене, таму на вториот кат.
Таткото брзо го соблече палтото и започна да се искачува по олукот.
Децата со воодушевување го набљудуваа.
На двапати тој за малку ќе паднеше, но после сè сепак успеа да стигне до прозорецот и да го земе малиот жолт гулаб од хартија, кој беше малку накиснат.
Кога се симна, тешко дишејќи, таткото го отвори тикетот и виде дека тоа е тикет од пред две години.
– Ти кога го купи ова? – го праша Славе таткото.
– Уште кога бев второ одделение, – рече Славе.
– А кога го провери?
– Вчера.
– Тоа не е истата серија… – уморно рече таткото.
– Како така, па нели сите цифри се совпаѓаат?…
Таткото тивко се оддалечи и седна на клупата.
Срцето како лудо му биеше во градите, пред очите му се јавуваа портокалови кругови… Тој нажно ја наведна главата.
– Татко, – тивко му се обрати Славе, приближувајќи му се. – Не се тревожи! Симе рече дека сепак може да си го задржам тикетот…
– Благодарам! – кажа таткото. – Ти благодарам Симе!
Тој се исправи и си тргна накај дома. Одеднаж му стана многу мачно. Тој почувствува дека никогаш повеќе нема да се врати она среќно време кога толку лесно можеше даде фрижидер во замена на еж.
Еж – приказна за напразната суета
