Кога фарисејството ќе се засили и ќе созрее, кога ќе завладее со душата, тогаш плодовите се – ужасни. Нема беззаконие, пред кое тоа би се уплашило, на кое не би се решило. Фарисеите се осмелиле да хулат на Светиот Дух. Тие се осмелиле да го наречат Синот Божји побеснет. Фарисеите си допуштиле да тврдат дека воплотениот Бог, Спасителот Кој дојде на земјата, е опасен за благосостојбата на општеството, за граѓанското устројство на Јудејците. А зошто се сите овие испреплетени измислици? Заради тоа што, на таков начин, скривајќи се под привидната справедливост, под маската дека се грижат за заштита на народноста, на законите, на религијата, тие сакаа да ја напојат својата ненаситна злоба со крв, сакаа да принесат крв како жртва на својата завист и високоумие, и така да го извршат Богоубиството. Фарисејството е – страшен отров, ужасна душевна болест.
Да се потрудиме да го изобличиме фарисејот, позајмувајќи слики од Евангелието, за да може секој, кој ќе се загледа во таа страшна и чудовишна творба, внимателно да се пази од квасот фарисејски, како што и ни заповеда Господ (Матеј 16, 6). Да се сочува од начинот на мислењето, од правилата, од душевните својства на фарисеите.
Фарисејот, задоволувајќи се со исполнувањето на надворешните обреди на религијата и со правењето на некои видливи добри дела, кои не им се туѓи и на многубошците, ропски им служи на страстите, кои секогаш се труди да ги скрие, кои во значителен степен не ги чувствува и забележува во себе, но кои кај него предизвикуваат совршено слепило за Бога и за божественото учење. Познанието и согледувањето на дејството на душевните страсти во себе, се плодови на покајанието. Но фарисејот е недостапен за чувството на покајание. Како може да се скруши, умили, да се смири она срце кое е задоволно со себеси? Бидувајќи неспособен за покајание, тој не е ниту способен да ја види светлината на Божјите заповеди, кои ги просветлуваат очите на умот. Иако тој се занимава со читање на Писмата, иако ги гледа во нив заповедите, но сепак, во своето помрачување, тој не се држи до нив: тие побегнуваат од неговиот поглед, и тој ги заменува со свои умствувања, кои се бесмислени и изопачени. Што има почудно, по несообразно, од фарисејските умувања што се спомнуваат во Евангелието!? Ако некој се колне во жртвеникот, ништо не е – тврделе фарисеите, но, ако некој се заколне во дарот што е на него, виновен е (Матеј 23, 16).
Фарисејот, напуштајќи го исполнувањето на заповедите од кои е составена суштината на Законот, се стреми кон префинето исполнување на некои надворешни ситници, и притоа очигледно ги нарушува заповедите. Светите Божји заповеди, во кои е скриен вечниот живот, од фарисеите се оставени без внимание и целосно се заборавени! Господ им говорел: „Давате десеток од нане, копра и кимин, а сте го оставиле најважното од Законот: праведноста, милоста и верата… Водачи слепи, вие комарецот го цедите, а камилата ја проголтувате“ (Матеј 23, 23-24).
Свети Игнатиј Брајчанинов