Академскиот сликар Александар Филев во моментов работи на циклусот „Страдање“. Вели дека извлекувајќи фигурација од боите истурени врз белото платно, добил асоцијација на ликот на Исус. Оттогаш почнува да работи на овој циклус слики кои се насликани во различни варијанти во големи формати.
ТИВЕРИОПОЛ: Почитуван г-дин Филев, јавноста која што го следи вашето творештво, кое редовно и со радост го објавувате на социјалните мрежи, сведочи дека последниот период центар на вашиот ликовен израз е Исус. Првпат ли вметнувате религиски теми во вашите дела или требаше време, подготовка за ова доживување да го пројавите на белото платно?
Филев: Кога завршив ликовна академија,тогаш сликав апстрактен експресионизам, во кои доминантен беше колоритот, широките потези на четката и пастуозноста на бојата. За мене сликарството отсекогаш било чуство, eмоција, доживување. Мојот пристап е таков што јас користам многу боја, која ја истурам на белата површина (платното) и потоа од тој хаос на боја текстура почнувам да извлекувам фигурација, дали тоа ќе е коњ, бик, орел или портрет. Еден ден додека поставував една слика, на платното ми се појави асоцијација на ликот на Исус, кој со мали интервенции го насликав, се сеќавам тоа беше пред да почне таа светска пандемија. Отогаш почнав да го сликам Исус, циклусот го нареков Страдање, бидејќи почна светот да страда. Тоа се портрети на Исус во разни варијанти сликани на големи формати, на еден експресивен начин, во кои може да се почуствува неговото страдање, неговата болка во очите, неговото измачување.
ТИВЕРИОПОЛ: Она што, рецезентите на вашите претходни изложби го нарекуваат автентичен ликовен јазик на Филеви, во која доминира жестината и интензивната колоритна експресија, се преточува и во овие дела. Дали драматичната атмосфера со судир на формата, бојата и светлината, форматот и техниката, ликовниот аранжман што го дефинираат вашите рецезенти, успеа да ја долови оваа новозаветна драма?
Филев: Отсекогаш ме привлекувал колоритот, бојата, експресивниот начин на сликање, уметноста е вродена работа, јас како сликар имам потреба секој ден да сликам, да ја извадам енергијата што ја имам, тоа е еден вид катарза, уметноста е креативна работа, најубаво е чувството кога ќе создадеш едно дело, тогаш душата ти е полна, бидејќи знам дека тоа ќе живее и ќе остане.
ТИВЕРИОПОЛ: Лесно ли се движи раката кога ги создававте овие дела? Кога нешто надумно треба да добие своја визура? Вдахновеност или?
Филев: Ако нешто сакаш да го работиш, ако го правиш со љубов, со емоции, со чуства, тогаш не постои граница која може да те сопре, слободата е најважна.
ТИВЕРИОПОЛ: Кога ја гледаме Пресвета Богородица во вашите дела, ја препознаваме иконо-личната византиска претстава на Мајката Божја, прераскажана на вашиот ликовен јазик. Длабоко ли е влијанието на византиското наследство врз нашиот онтолошки идентитет?
Филев: Да, го сакам византиското сликарство. Отсекогаш тоа било инспирација на многу сликари, но моите дела не се по канонскиот начин на сликање, јас се трудам на еден мој автентичен начин да ја насликам Мајката Божја, Исус или било која религиозна претстава.
ТИВЕРИОПОЛ: Колку време ги создавате овие дела и дали ќе бидат поставени како самостојна изложба?
Филев: Овој најнов циклус го работам веќе година и пол, се работи за дела со големи формати. Досега имам насликано околу 40 – тина дела, мислам дека уште не е дојден моментот за изложба, бидејќи имам уште многу да кажам, а секако дека следната изложба ќе биде со овие најнови дела.
ТИВЕРИОПОЛ: Генетскиот ликовен запис кој очигледно е наследен од вашиот сега покоен татко, како посебен уметнички израз, ќе го читаме ли во идните ваши дела?
Филев: Да тој е мојот најголем учител, кој несебично ми даваше сè. Неговите зборови и совети се длабоко врежани во мене, тој секогаш ќе биде во моите дела и длабоко во мојата душа.
ТИВЕРИОПОЛ: Вашиот академски беграунд е конзервација и реставрација. Очигледно е дека уште треба многу да се работи на ова поле, но каква е вашата оценка, особено кога станува збор за реставрација и конзервација на нашето богато црковно наследство во струмичкиот регион?
Филев: За жал ситуацијата со нашето културно наследство е загрижувачко, сè помалку се грижиме за да го сочуваме. Сега актуелно е Курбиново, кое ремек дело, секогаш се чека да се уништи целосно, па потоа да се преземе нешто. Ние имаме навистина конзерватори и реставратори кои се професионалци, кои ја познават оваа проблематика, но за жал кај нас секогаш е проблем финансискиот дел. Мислам дека Министерството за култура треба да посвети поголемо внимание за зачувување на културното наследство, кое навистина е многу вредно и треба да се гордееме со него.
ТИВЕРИОПОЛ: Изработката на мозаици е уште еден сегмент од вашето професионално портфолио. Од каде интересот? Каде го усовршивте и овој израз?
Филев: Паралелно со сликарството го работам и мозаикот како ликовна техника, која е една од најделикатните за работа. Мозаикот го изучував уште во средното уметничко училиште, ја имав таа среќа професор да ми биде познатиот мозаичар професор Газанфер Бајрам. Кога завршив средно, соработката со професорот продолжи, бидејќи тој секоја година доаѓаше на Струмичката колонија и заедно работевме мозаици.
ТИВЕРИОПОЛ: Струмичката ликовна колонија е една од ретките, ако не и единствена во Македонија што го негува и мозаикот. Колку сте задоволни од интересот кај домашните, но и уметниците од надвор?
Филев: Во склоп на Меѓународната струмичка ликовна колонија веќе 28 години функционира и работи студиото за современ мозаик, кое е формирано 1993 година од страна на професор Газанфер Бајрам и Паоло Ракани од Равена, Италија. За сите овие години учествувале мозаичари од Италија, Русија, Украина, Бугарија, Црна Гора, Србија, Турција. Денес имаме една богата збирка на мозаици, а посебно сме горди што сме едни од ретките колонии на кои се работи и негува оваа најстара сликарска техника мозаикот.