Единствено Бог може да проштева гревови преку Неговата прекрасна семоќ…

Семоќниот Господ може да ги прости човечките гревови. Но, погледнете колку е необјаснива Божјата милост! Бог ја предал Својата власт за простување на гревовите на луѓето, на апостолите и на нивните наследници, во личноста на епископите и свештениците!

Зошто Бог постапил така? За да го направи нашето покајание, а со тоа и простувањето на нашите гревови, уште поблиско, уште подостапно, уште понесомнено! „Примете го Светиот Дух. На кого ќе му ги простите гревовите, ќе му бидат простени; на кого ќе ги задржите, тие и ќе се задржат“ (Јован 20, 22-23).

Од овој момент, што и да прости свештеникот на земјата, се простува и на небесата! Па, има ли поголема милост од ова? Ние, не би поверувале дека тоа е возможно, ако не ни беше кажано од Оној што никогаш не изговорил празен збор или лага (1. Петрово 2, 22).

Како што Исус Христос им рекол на десетте лепрозни: „Одете, покажете им се на свештениците“ (Лука 17, 14), и тие додека одеа, во исто време се очистуваа, така и на нас грешните Тој ни говори: „Дали сте болни од духовна лепра?! Не плашете се! Ќе се исчистите! Направете го само ова: одете, покажете им се на свештениците!“

А некој ќе каже: „Јас се исповедам пред Бога. Каква потреба имам да одам кај свештеникот?“

Но, ако немаш потреба од свештеникот, тогаш воопшто не оди кај него! Тогаш, обрати се кон Бога за Тој да те крсти директно, одозгора. Тој нека те миропомаза, нека те венча, нека ти изврши маслосвет, Тој нека те причести на некоја небесна литургија. Но, ти не го правиш тоа. Зошто си непостојан? Зошто за сите други таинства му се обраќаш на свештеникот, а само за Светата тајна Исповед велиш: „Не ми треба свештеник, јас се исповедам директно пред Бога!“ Зарем не чувствуваш дека твојот непријател така те мами?

Бог им заповедал на свештениците да ги извршуваат Светите тајни, за преку нив да ја примиме небесната и спасителната благодат. И Исповедта е тајна. Ако му се исповедаш на Бога, ти добро правиш, бидејќи ја раздвижуваш својата совест, се сеќаваш на своите гревови, а можеби дури и лееш солзи за нив. Но, преку сето ова, сè уште не ја добиваш Божјата благодат на простувањето. Исто како кога седиш и размислуваш за тоа, дека во незалезниот ден на Небесното Царство Божјите угодници се причестуваат со небесното причестие кое е недостижно за нас, па така и ти всушност не се причестуваш, без разлика колку и да си разнежнет од твоите мисли, сè додека не ја добиеш видливата Света Причест, овде и сега, сѐ додека не отидеш кај свештеникот, кому Самиот Исус Христос му ја дал власта да врзува и одврзува, па колку и да се исповедаш пред Бога, ти сепак нема да добиеш прошка за своите гревови. Зашто, Самиот Бог благоволил да им рече на свештениците: „Кому ќе му ги простите гревовите, на тој и ќе му бидат простени…“

Но, како може свештеникот да простува гревови? – прашуваш. Може, бидејќи Господ така наредил. Но, зарем и самиот свештеник не е грешен човек? Ако тој е грешен, што губиш или добиваш ти од тоа? Тој е грешен за самиот себе и ќе одговара пред Бога за своите гревови. Поради неговата грешност, Светите Тајни извршени од него, не престануваат да бидат дејствителни за тебе штом ќе ги прифатиш со вера и смирение. Па, дали сончевите зраци, кога ќе паднат на кал, се валкаат и самите? На истиот начин и Божјата благодат не губи ништо од тоа дека се пренесува преку свештеник кој е извалкан од гревот. Тој самиот може да биде лишен од благодатта на Судниот ден поради неговата недостојност. Но ти, преку него прифаќајќи ја Божјата благодат, нема да бидеш лишен од неа, ако самиот се покажеш достоен.

Друг, пак, вели: „Јас одам кај свештеникот, за да ми прочита разрешителна молитва“.

Ова е најбогохулната злоупотреба на Исповедта! Што значи „разрешителната молитва“? Тоа е молитва за простување на гревовите. Оди христијанинот кај свештеникот и без да ги исповеда своите гревови го замолува: „Оче, прочитај ми разрешителна молитва!“ или „молитва за простување!“ И свештеникот му става епитрахил на главата и му ги проштева беззаконијата, кои тој не ги исповедал, туку ги сокрил. Чекај, слуго Божји! Што правиш? Знаеш ли ти какви гревови се кријат во оваа душа, па толку лекомислено ги простуваш? Каква одговорност ти имаш пред Бога! А што ако од тебе е сокриен некој смртен грев и ти непромислено му ја допушташ на христијанинот Светата Причест, нема ли преку ова да го забрзаш уништувањето на неговата душа?

Читањето на разрешителната молитва е најголемото недоразбирање! Тоа е лага на Бога, но е лага и на самиот себе. Ананија и Сапфира платија со своите животи за нивниот нечесен обид да го измамат Светиот Дух (Дела 5, 1-10). Не се залажувај, христијанину! Свештеникот не може да ти ги прости гревовите, додека не ги слушне на исповед. Тој не може да ги одврзе јазлите на твојата совест, додека не се допре до нив. Овде никакви приспивни за совеста „разрешителни молитви“ не помагаат. Или си ги исповедал своите гревови и си добил прошка за нив, или не си ги исповедал и ти останале во душата. Ако можеш да се измиеш без да ја допреш водата, ќе можеш и да се очистиш од твоите беззаконија без да ги исповедаш.

Архимандрит Серафим Алексиев