Ако те напаѓа помислата на гнев, принудувајќи те на злопамтење, и ако ти ја заострува јароста, за на злото да му додадеш зло, тогаш спомни си за зборовите Господови: „Ако не му ги простите на својот брат согрешенијата негови, ниту Отецот Небесен нема да ви ги прости гревовите ваши“ (Мат. 18, 35; Мк. 11, 25).

Затоа, секој кој сака да добие прошка за своите гревови, пред сѐ, треба, од срце да му прости на својот брат. Господ ни заповеда дека ќе ни ги прости грешките наши, под услов, и ние самите да им простиме на другите. Ако не им простиме на другите, јасно е дека ни нам нема да ни биде простено (Мт. 6, 12; 15). Секогаш треба да имаме на ум дека и ако некогаш направиме добро дело, но притоа се гневиме на некого, тогаш тоа добро дело ќе биде безвредно пред Бога.

Речено е од Отците: „Гневливиот, и мртви да воскреснува, неговата молитва не му е угодна на Бога“. Впрочем, тоа е кажано од Отците колку за споредба и за укажување колку е одвратна молитвата на гневниот, кој нормално, никако не е во можност да воскресне мртовец. Затоа, не треба да се гневиме, не треба на ближниот да му правиме зло, не само со зборови и дела, туку и самиот поглед не треба да ни биде непријатен.

Можно е и со поглед да го натажиме својот брат – говорат Отците. Самите гневни помисли треба да ги искорениме од нашето срце, за да бидеме исполнети со чисто и срдечно простување. Голема победа над гневните помисли има оној, кој не само простува, туку и се моли за оној што го ожалостил.

Преподобен Нил Сорски