Живееме во хаотичен, повеќеслоен и безличен свет, кој дијалогот го замени со многугласно извикување на пароли. Опиеноста на човекот од глобализацијата го принудува да ја изгуби својата персоналност и да биде завладеан од чувството на припадност на стадото. Во станбената зграда повеќе не се познаваат сите станари, се загуби соседството каде човекот го делеше својот леб, а вратите беа ширум отворени. Заемните односи се исцрпуваат со едно „добар ден“ во лифтот и со една формална насмевка, давајќи ја општата сметка за вкупните трошоци на зградата. Само во малите провинциски градови сè уште се прават напори за одржување на вообичаените посети и меѓусебни маалски озборувања.

На улица едниот се сопнува од другиот, во автобусот луѓето меѓусебно се туткаат и притискаат, во ноќниот клуб нема повеќе место. На училиште, дома, во продавница, насекаде човекот ја носи својата тромост и досада, многупати и без целосно да ја сфати нејзината суштина, па оваа состојба полека се претвора во вообичаена навика, која повеќе не го интересира. Секојдневните активности никогаш не ги оставаат луѓето сами, за тие да можат да се препуштат на внатрешниот дијалог.

Осаменоста не се елиминира со генијалните рецепти од психолози, социолози, писатели и проповедници. Потребна е лична борба, внатрешен ред, фронтален судир со нашиот егзистенцијален непознат идентитет, храбро копање во нас, за да ја откриеме нашата првобитната убавина. Потребно е смирено поклонение на Бога, со искрено и честито излегување од нашето јас, за да се сретнеме со другите, со дух на пожртвуваност, со расположение за разбирање и прифаќање, и со заемно дополнување и меѓусебна помош.

Така, задлабочувајќи се во својата полнота и откривајќи ја силата и автентичноста на својата богообразна личност, бесплодната и горчлива осаменост на човекот може да се претвори во плодотворен извор на првосходна убавина и динамика.

Само внатрешно урамнотежениот и уреден човек може да има добар однос со другите. Однос, кој започнал со Божјата помош и му ја дал силата за тој внатрешен разговор. Така, другите стануваат сослужители во тајната на литургијата на животот, каде стануваме причасници преку молитвата, пријателството, бракот и се утешуваме еден со друг во бурното патешествие во овој ефемерен живот.

Монах Мојсеј Светогорец