Сега малку да проговориме и за неразумната страст на гневот, која во време на своето дејствување ја опустошува целата душа, ја доведува во безредие и ја помрачува. Таа прави од човекот да биде сличен на ѕвер, кој е лесно подвижен и кој е бргу подготвен на сè.

Оваа страст бива покрената, се поддржува и станува непобедлива, од силата на гордоста. И сѐ додека овој „горчлив корен“ (Евр. 12, 15), односно гневот и раздразливоста, бива напојуван со лошата вода на гордоста, сѐ дотогаш тој ќе расте, ќе цути и ќе го раѓа изобилниот плод на беззаконието.

Оваа градба на лукавиот во душата ќе остане неразрушлива, сè додека во својата основа ја има поддршката на гордоста. Затоа, ова дрво на беззаконието, односно на лутината, гневот и раздразливоста, ако сакаш во твоето тело да биде исушено и да остане неплодно, тогаш треба да биде пресечено од секирата на Духот и да биде фрлено во оган според зборовите на Евангелието, и да исчезне со сета своја злоба.

Ако сакаме да го разрушиме овој дом на беззаконието, што лукавиот за наше зло го надградува во нашата душа, отсекаде во помислите собирајќи, како камења од дела и зборови, основани или неосновани предлози, и при тоа ја изградува оваа зграда на злобата, откако претходно ја втемелува врз силните основи на гордите помисли; ако сакаме овој дом конечно да биде разурнат, тогаш во своето срце ќе треба да го придобиеме непрестајното Господово смирение.

Кој е нашиот Господ Исус Христос и што станал Он за нас? Од каква височина на божествената светлина, која им е само донекаде откриена и која ја прославуваат горните и разумните суштества на небото – ангелите, архангелите, престолите, господствата, началствата, властите, херувимите и сите други не спомнати по име духовни сили – и во каква тоа длабочина на човечкото смирение слегнал Он, поради преголемата и неизмерлива Своја добрина, и во сè станал сличен со нас, кои се наоѓаме во мрак и смртна сенка, заробени од непријателот поради Адамовиот грев, кој владее над нас, преку страстите што постојано дејствуваат .

Свети Марко Подвижник