Најголем горделивец не е оној што гордо се фали, туку оној што се фали дека е многу смирен.

Кој се оправдува самиот себе кога ќе згреши, го претвора своето срце во демонско прибежиште. А ќе продолжи да греши и понатаму и ќе биде неповратно скршен од своето себељубие, ако не успее да го совлада своето „јас“. Оној што ги оправдува своите страсти, полека паѓа во тешка болест и тогаш го издава неговата „кашлица“.

Кој нема сознание за својата грешност и воедно е горделив, страда од две болести: краста и шуга. И колку и да сака да ги покрие своите рани, и да се претстави достоинствен, сепак јадежот го измачува и го издава преку чешкањето.

Оние што не примаат забелешки од луѓето што ги љубат, а му даваат значење на потсмевот на луѓето што размислуваат световно, сепак до крај остануваат „криви дрва“. Исто така, штиците што не го примаат стругањето од дрводелецот за да станат мебел, завршуваат во бетонот или во скалите и биваат газени и валкани од калта, сè додека не бидат уништени и не завршат во огнот.

На многу горделивиот, ако е чудак и избувлив, нема да му биде корисна дружбата со смирен човек, бидејќи честопати ќе станува уште побезобзирен. Значајно е да осознаете дека дури и ѓаволот исчезнува од смирението. Заради тоа и божествената благодат бега од горделивиот и преминува кај смирениот.

Оној што има високо мислење за себеси, всушност е надвор од самиот себе, па наместо да благодари за сите добра што му се дадени, тој Го онеправдува Бога, бидејќи ги смета за свои даровите Божји.

Оној што постојано е горделив, постојано се онеправдува и самиот себе, бидејќи, сè додека не се скрши, никогаш нема да има духовни подеми туку постојани падови, оти во него нема скрушено срце и смиреноумие.

Оние што немаат падови во овој свет, а ја имаат сета светска гордост, нивната горделивост всушност ги надминува границите, така што нивниот пад е од задната страна на високиот врв.

Оној што е многу горделив, е полош од оној што е опседнат од демоните, бидејќи гордоста постојано нè надувува, сè додека одеднаш не се распрсне. Човекот, пак, што го измачува нечист дух, освен што страда, тој се и искупува, но и бива смирен во очите на луѓето. На крајот, Бог го ослободува и во неговата душа настанува двојна полза.

Гордоста ја попречува благодатта Божја, а гордата помисла ги расипува и нашите добродетели, како што и птичјиот измет кога ќе падне во пржени јајца, се фрла заедно со тавата.

Оние што имаат трпение при општењето со горделивите, без притоа да им ласкаат, се најсмирените, најверните и најправедните. Но, постои опасност постојано да бидат онеправдувани и презирани од нив.

Старец Паисиј Светогорец