Проникнувањето на ранохристијанската традиција и заживувањето на монаштвото во Струмица и струмичко (согледби врз основа на историската податливост за св.Петнаесет Тивериополски свештеномаченици од Теофилакт Охридски) е тема на трудот на м-р Васил Ѓоргиев Ликин објавен во Зборник на НУ Завод и Музеј Струмица.

Во трудот, м-р Ѓоргиев- Ликин преку истражување на Житието за св.Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, повлекува аналогиите на христијанската религија и монашките практики кои во континуитет постојат од тоа време.

„Во таа смисла се изјаснил и Теофилакт Охридски во житието за св. Петнаесет Тивериополски (Струмички)
свештеномаченици кадешто потенцирал дека: ,,..Тивериопол достигнал да стане некаква од секаде гледана кула која им раздавала светлина на вера и на други западни градови (односно на пошироките простори на
Југоисточна Европа – б.м.) и ги враќала од мракот на заблудата оние кои се наоѓале во длабокото море на безверието..”, стои во трудот.

…Од досега изложеното може да се заклучи дека градот Струмица и неговата поширока околина мошне рано израснале во значаен христијански духовен и културен центар меѓу останатите македонски области како
и пошироко на Балканот.

Таму, не само што се славеле маченици што загинале за Христовата вера туку се подигале и цркви од типот на мартириуми. Овој македонски град заради неговата местоположба се позиционирал и како влијатено средиште преку коешто се правеле обиди за спроведување на одредени политички, идеолошки и геостратешки интереси.

По однос на прашањето кога и кој го посеал семето на Христовата вера во Струмичкиот крај сметаме дека христијанството во овие македонски краишта го раширил апостол Павле уште во средината на I век за време на неговите патувања во Македонија. Важна улога за рано распространување и зацврстување на новата вера во Струмица одиграл градот Солун и тамошната христијанска заедница којашто до формирањето на Константинипол важел за прв административен и црковен центар на Балканскиот Полуостров.

Во почетокот на втората половина на IV век светите Тимотеј, Теодор, Комасиј и Евсевиј во договор со солунскиот епископ се населиле во Тивериопол (Струмица). Имено, во разгледуваниот период Тивериополската (Струмичка) црква била под јурисдикција на солунскиот епископ. Нивната задача била да ја реорганизираат и зацврстат во црковно-административен и богослужбен поглед се по бројната христијанска заедница во Тивериопол, односно Струмица.

Во својство на највисоко богослужбено достоинство и власт солунскиот егзарх го хиротинисал монахот Тимотеј за Тивериополски (Струмички) епископ уште за време на нивниот престој во Солун. Тогаш, се создале услови за појава на идната Тивериополска (Струмичка)   епископија којашто подоцна преку св. Климентовата епископија се седиште во Тивериопол или Велика се вградила во темелите на Самуиловата автокефална црква и во темелите на автокефалната Охридска архиепископија.

Според тоа, прв Тивериополски (Струмички) епископ бил св. Тимотеј. Во тогашната Тивериополска (Струмичка) црква постоела развиена мрежа на више и ниже свештенство и нивни помошници (епископи: Тимотеј и Теодор; монаси – проповедници: Комаси, Евсевиј, Еротеј, Даниил и Харитон; свештеници – презвитери: Петар, Јован, Сергеј, Теодор и Никифор; ѓакони: Василиј и Тома) коишто проповедале и богослужеле сред тамошното население кое се повеќе ја прифаќало христијанската вера. Тивериополската (Струмичка) црква во поглед на нејзината внатрешна устроеност била поделена на енории.

Првите монашки искуства од Мала Азија во Тивериопол (Струмица) ги пренеле монасите Тимотеј, Теодор, Евсевиј и Комасиј. Појавата и развојот на монаштвото во Струмица и Струмичко а со тоа и во Македонија е дел од еден општ процес којшто допринел до крајот на V век монаштвото да фати корени низ целиот христијански свет. Светите Тимотеј, Теодор, Комасиј и Евсевиј во Тивериопол (Струмица) пренеле монашко искуство коешто инсистирало на ценатрализиран и заеднички начин на живот во форма на братство. Тукашната монашка традиција се развила во правец на практикување колективна работа за физичко опстојување на манастирите но и поттикнување работа во правец на интелектуално и духовно издигнување и подвиг.

Како резултат на тоа, во ранохристијанскиот и во средновековниот период во градот Струмица и во неговата поширока околина се вкоренила богата духовна, писмена и книжевна традиција.

М-р ВАСИЛ ЃОРГИЕВ – ЛИКИН
Н У Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица

извор- https://www.academia.edu/24151591/%D0%97%D0%91%D0%9E%D0%A0%D0%9D%D0%98%D0%9A_%D0%9D%D0%90_%D0%A2%D0%A0%D0%A3%D0%94%D0%9E%D0%92%D0%98_COLLECTION_OF_WORKS_