Еве една кратка молитва, бидејќи Бог нема потреба од многу зборување. На Самиот Бог Отец му говориме вака: Владико Боже Отче Седржителу! На Божјиот Син:  Господи, Сине Единороден, Исусе Христе! И на Бог Светиот Дух: Духу Свети! Едно Божество, една сило, помилуј нè нас грешните! Владичице моја, Пресвета Богородице, спаси ме мене грешниот! Таа, повеќе од сите свети ангели се удостоила да седи најблиску до Света Троица! Непрестајно повторувајте: Господи помилуј! Господи, не оставај ме! Господи, дај ми добра мисла! Тргни ја од мене секоја помисла од лукавиот!

Присилувајте се, не треба да бидете раслабени, поткрепувајте се себеси така, што дури и рацете и плеќите ваши тоа треба да го почувствуваат. Тогаш и вашите мисли ќе бидат посилни кон Бога, и разбирањето ќе биде подобро насочено кон тоа што се чита. Ете, тоа е духовната наука.

Не гневете се на никого, бидејќи: Гневот не е сотрудник на Божјата правда. Овој живот е устроен така, што секој од нас треба да биде како дете: Ако не бидете како деца, нема да влезете во Царството Небесно. Но, не бидете деца во паметот, туку во злобата.

Многумина посакуваат да видат нешто во сон, но тоа е состојба на умот, а таквите нешта се сосема непотребни, бидејќи, тоа ќе нè одведе кон гордоста. Таквите си велат за себе: Ете, јас се удостоив со виденија. Но сепак, сето тоа е од ѓаволот.

Други, пак, сакаат да предвидат нешто што ќе се случи во иднината, обично нешто што не се однесува на нас. Но, единствено што нам ни е потребно е да не грешиме пред Бога. Денес постојат чудотворци, но тие се смирени, трпеливи и кротки, тие го оттргнуваат од себе секој ѓаволски предлог, ја чуваат духовната и телесната чистота, тие не сакаат да прават чуда. Оној што достојно го прима Телото Христово, односно Синот Божји, тој е поголем од секој чудотворец.

Кој претрпува болести со благодарност, тој Господ Бог наскоро ќе го посети, а кој поради болест не е во состојба да оди во црква, тој не треба да се сомнева, туку нека си рече: Да биде волјата Твоја! Погледни го мојот труд и мојата болест, и прости ми ги сите мои прегрешенија!

Старец Теофан Новоезерски