Барајте го од Господа Бога она што го барале и светите апостоли: „Господи, научи нѐ да се молиме“ ( Лк. 11, 1).
Ние самите не знаеме за што треба да се молиме. Бог, преку Светиот Свој Дух, ќе нѐ научи. Ѓаволот го сее својот плевел, ни ги нафрла своите мисли. Господи! Дај ми добра мисла! И Господ Бог ќе ни помогне.
Барајте од Господа Бога, во разумност и вистина да дојде. …Нарекувајќи се себеси мудри, тие обезумија (Рим. 1, 22). Понекогаш многу знаење може да биде од голема штета, затоа е потребно да се предадеме на волјата Божја. Треба да живееме во Бога, секогаш во тишина, секогаш во спокојство и секогаш надвор од светот, надвор од световниот живот.
Радувајте се праведни, во Господа, радувајте се повеќе за тоа што ни е ветено, за тоа што човечкиот ум не може да го замисли. Пристапот до Царот Небесен од нас зависи. Секоја можност за вознемирување може да се избегне. Велат: кој на бранувано море не бил, тој на Бога усрдно се нема помолено. А житејските бранови, зар не се и тие исто? Таму каде брановите и немирите се поголеми, таму се прибегнува кон Бога.
Имам прочитано разговор на еден учен човек со некој овчар: учениот го прашал: „Ти, учен ли си?“ Овчарот одговорил: „Никогаш не сум учел“. – „А како знаеш за Бога?“ – „Јас никогаш не се разделувам од Него. Знам дека Он е мој Создател, за земните работи никогаш не се прилепувам, знам дека нашиот живот е на небесата“. Тогаш учениот рекол: „Јас од ниту еден богослов такво нешто немам чуено“. Да бидеме и ние како овој овчар, да се прилепуваме кон небесното, да размислуваме дека нашиот живот е на небото, и да се трудиме да го добиеме.
Молете се на Господа: „Од тајните мои очисти ме, и од оние туѓите поштеди го работ Твој“. Потребно е умот свој да го соединуваме со Бога, а не напразно да го поминуваме својот живот.
Старец Теофан Соколов