И светиот пророк Давид зборува за луѓето од денешново време, дека многумина го напуштаат правиот пат, дека не прават добро и дека живеат во безредие и хаотичност. Но, не осврнувајќи се на тоа што скоро сите се загубени, ви советувам вам, мои возљубени чеда, да го чувате во себе духот на благочестието со сите сили на вашата душа, т.е. да се осенувате себеси со крсниот знак и при јадење, и при пиење, и при излегување и при влегување во домот, и кога почнувате некое дело, зашто ѓаволот се плаши од оние кои со крстот се оградуваат.

На неразумните ова им се чини како лудост, т.е. тие велат: „Што ќе кажат за нас луѓето?“ Но, не треба да се мисли на тоа што ќе го кажат луѓето, туку на она што нам ќе ни го каже Господ Бог на Страшниот Суд, особено кога ќе стане збор за нашето човекоугодие! Ете, за ова треба да се размислува, а не за тоа што возгордеаните луѓе ќе го кажат или ќе го помислат за нас.

Должност на човекот е да Му благодари на Бога за Неговата спасителна промисла, а не да се предава на малодушноста и да очајува, зашто и светиот отец Давид во својот живот имал огромно множество на маки и искушенија, како од своите, така и туѓите луѓе, но се бодрел себеси со молитва и со цврста надеж во Бога, постојано говорејќи и успокојувајќи се себеси: „Зошто тагуваш, душо моја, и зошто толку ме вознемируваш? Надевај се на Бога!“

Така и вие успокојувајте се себеси. Светиот цар Давид бил напаѓан и од неговите поданици, и од демоните, и од добрите и од лошите луѓе, но тој со што се вооружувал против нив? Вели: „Ме опседнаа, ме обиколија, но со Името Господово јас ги победив“ (Пс. 117, 11). А како тоа со Името Господово им се спротивставувал? Еве, на овој начин: „О, Господи, спаси ме! О, Господи! Побрзај да ми помогнеш!“, и „Боже, дојди ми на помош, побрзај Господи да ми помогнеш!“ (Пс. 69, 1), или: „Боже, биди милостив кон мене грешниот“, или: „Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот“, итн.

На овој начин и вие постапувајте, т.е. кога силно ќе ве нападнат луѓето и ќе ве опфати униние, сто непријатели можете да победите со молитва кон Господа. Тогаш, ниту мечови, ниту топови ќе можат да ве исплашат.

Старец Антониј Путилов