Тешко му на крвничкиот град! Тој е полн со измама и убиства; грабежот не престанува во него.

Се слуша плускот на бичеви и трескот од тркала, како и потскокнување на бојни коли.

Коњаниците се во галоп, блескаат мечеви и светкаат копјата. Многу убиени и купишта трупови! На труповите им нема крај; тие се сопнуваат од нив.

Сето тоа е заради многубројните блудства на убавата на изглед развратница – вешта во магии, која со блудот свој ги продава народите, а со магиите – племињата.

Ете, Јас сум против тебе, вели Господ Саваот, ќе ја кренам полата од твојата облека над твоето лице и ќе им ја покажам на народите твојата голотија, а на царствата – твојата срамота.

Ќе нафрлам врз тебе нечистотии, ќе те направам презрена и за приказ на сите.

И секој штом ќе те види, ќе побегне од тебе и ќе рече: „Разурната е Ниневија! Кој ќе сака да ја пожали? Каде да најдам утешител за тебе?“

Зар не си подобра од Но – Амона, кој лежи меѓу реки, опколен со вода, и чиј окоп е морето кое му служи како ѕид.

Етиопија и Египет со безбројно мноштво луѓе ти служеа како поткрепа; а тие ти идеа на помош со Коптите и Ливијците.

Но и тој е раселен, отиде во ропство; дури и децата му се здробени – по сите градски крстосници; а за првенците му фрлија жреб, и сите негови големци се во вериги оковани.

И ти така ќе се опиеш и ќе се криеш; и ќе бараш заклон од непријателите свои.

Сите твои градови се како гранка од смокви со зрели плодови: ако ги затресеш, ќе паднат право во устата на оној што сака да ги јаде.

Ете, и народот твој во тебе е како плашлива жена: на непријателите твои ширум ќе им се отворат портите на земјата, и оган ќе ги проголта твоите резиња.

Зафати си вода за опсадата; зацврсти ги тврдините; влези во кал, изгази ја глината, направи ја печката за печење тули.

Таму оган ќе те проголта, меч ќе те исече, ќе те изеде како гасеница, па макар и да сте се намножиле како инсекти и скакулци.

Трговците при тебе се повеќе од ѕвездите на небото; но тие како скакулци ќе се распрскаат и ќе одлетаат.

И кнезовите твои се како скакулци, а војводите – како рој мушички, кои во студено време се гнездат во пукнатини, а кога ќе изгрее сонцето се разлетуваат, и нема да го пронајдеш местото каде тие биле.

Спијат твоите пастири, цару асирски, почиваат твоите големци; твојот народ се распрснал по горите, и нема кој да ги прибере.

Нема лек за твојата рана, лута е раната твоја. Сите што ќе чујат за тебе ќе ракоплескаат, зашто врз кого ли сѐ не си ја протегнал твојата постојана злоба.

Книга на пророк Наум (гл. 3, 1-19)