Ние треба да сме чисти од осквернатите помисли, особено кога на Бога Му принесуваме молитва, бидејќи не постои согласност помеѓу смрдеата и пријатниот мирис. Каде што се присутни помислите, таму е и согласувањето со нив. Треба да се одбие првиот напад на гревовните помисли и да се отфрли од земјата на нашето срце. Вавилонските деца, т.е. злите помисли, треба уште додека се мали да се скршат од каменот кој е Христос. Особено така треба да се постапува со три од нив: со стомакоугодувањето, со среброљубието и со суетата. Со нив ѓаволот се погрижил да Го искушува дури и самиот наш Господ, на крајот од Неговиот подвиг во пустината.

Ѓаволот како лав се крие во својата пештера (Псалм. 9, 29), тајно постилајќи ни стапици од нечисти и нечесни помисли. Нив треба да ги растргнуваме штом ќе ги забележиме и тоа со посредство на благочестивото размислување и со молитвата.

Потребни се подвиг и голема будност, за во време на псалмопеењето нашиот ум да биде усогласен со срцето и со устата, и за во молитвата да не се измеша смрдеа со нашиот темјан. Бидејќи, Господ се гади од срце со нечисти помисли.

Постојано, и ден и ноќ, да се подвизуваме пред лицето на Божјата благост, за Он да ги исчисти нашите срца од секаква зла помисла и достојно да можеме да го поминеме патот на својот повик, па со чисти раце да Му принесеме дарови од своето служење.

Ние правиме добро кога не се согласуваме со злите помисли што во нас ги става ѓаволот.

Нечистиот дух има силно влијание само врз острастените. На оние што се исчистиле од страстите, тој им се приближува само отстрана или однадвор. Можно ли е човек на млади години да не се возбудува со телесни помисли? Сепак, треба да се молиме на Господа Бога, уште на почетокот да се изгаси искрата на порочните страсти. Тогаш во човекот нема да се засилува пламенот на страстите.

Св. Серафим Саровски