Добро ни дојде прекрасна невесто Христова, гулабице чиста позлатена од Светиот Дух, девствена пофалбо, пустиножителке, собеседничке на ангелите, добродетелен рају, преубав дому на чистотата!

Бог ја засака твојата убавина и со разни чудеса те украси на земјата, а твојот дух на небесата живее со ангелските воинства! Тебе девојко ангелите те пофалија, а луѓето те прославија и возљубија и се засолнија во благиот мирис на твоето миро!

Ти си чесната невеста на Вистинскиот Жених!

Ти си крин пронајден меѓу трњето! Ти си благословена од човечкиот род, затоа што си го следела својот вереник! Ти си посредник на оние кои се во неволја и пристаниште на оние кои се изложени на бури! Твојот ковчег излева благотворни струји и ги истерува демонските орди! Твојата црква ги исцелува болните, им дава вид на слепите, ги чисти лепрозните. Затоа го благословувам, Петко, твоето тело, бидејќи си сад полн со светост!

Ја благословувам твојата чесност! Го благословувам твојот милозвучен јазик, зашто не престана да го славиш Бога! Ги благословувам твоите очи, зашто не заспаа во сон што води во смртта! Ги благословувам твоите раце, кои напорно и без мрзеливост се подвизуваа! Ги благословувам и твоите стапала затоа што не ослабеа при сеноќното бдение! Ти си сад што го прими вистинското миро – Светиот Дух! Ти си силна застапница на сите што доаѓаат при ковчегот на твоите мошти.

Евтимиј Патријарх Трновски