Христос дојде за да го спаси човекот – личноста. Во Стариот завет националноста беше дефинирана со некои општи категории, но факт е дека личноста не беше ослободена, а општеството во голема мера имаше власт над човекот.

По Христовото доаѓање на земјата, дојде и до ослободување на самата човечка личност, на човечкиот дух. Поради тоа доброто и злото сега може да се разгледуваат како личносни категории. Патот до совршенството е отворен за сите, но исто така е отворен и патот до погибелта.

Националноста, културата и цивилизацијата се земни категории, а категоријата вечност му припаѓа на духот. Самата нација настанала во времето, таа е плод на одредени историски, географски и психолошки супстрати во кои се развива, при што не постои изолирано, самостојно, туку е во заемно дејство со другите нации. Но сепак, ова се категории на душата, а не на духот. Духот е еден, и токму заради тоа Господ им рече на апостолите: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“ (Мат. 28, 19).

Нацијата не може да се одрече од Бога, но Бог може да биде одречен од личноста. Нацијата не може да биде христијанска, христијански може да биде само одреден број на луѓе кои се дел од таа нација. Кога се споменува „христијанска држава“ тоа е само условно, но не е и прецизно: државата не може да биде христијанска, затоа што и државата и нацијата не ги определуваат луѓето.

Нацијата пред сѐ претставува културно заедништво поврзно преку одредена традиција, преку обичаи, преку начин на живот, односно со сето она што во себе носи земен белег и ѝ припаѓа на земјата. Христијанството не го негира она што му припаѓа на земното битисување, но тоа нуди други скалила на вредности. Најголемата вредност за нас е боженственото и богоопштењето. Христијанството не ги уништува другите вредности, туку ги продуховува.

Ние сме само гости на земјата и секоја татковина за нас е туѓина и секоја туѓина во исто време е татковина. Како да се разбере тоа?

Ако сиот земен живот го погледнеме од аспект на вечноста тогаш тој претставува само момент, еден вид „преднатален“ период, а вистинскиот живот е всушност вечниот живот. Меѓутоа, и детето пред да се појави на светот, пред да се роди, се развива во утробата на својата мајка, тоа не може да го отфрли нејзиниот организам; така и земниот живот е налик на организам во кој се формира човечката личност. Затоа за христијаните е недозволиво на земниот живот да гледаат како на нешто апсолутно, исто како што е недозволиво и да го сметаат за ништо, затоа што токму овде, во овој земен живот, се одвива формирањето на личноста, овде се решава главното прашање: дали човекот во вечноста ќе биде со Бога или без Бога.

Црквата не е национална. Црквата е наднационална. Црквата е единствен народ, а тоа се христијаните!

Во Црквата не постои категорија „нација“. Во неа луѓето се обединети од Светиот Дух. Христијанството не го уништува поимот за нацијата. Црквата е свесна за реалноста на земниот живот во кој егзистираме, а кој исто така мора и да ги продуховиме. Ние христијаните ќе мора да поседуваме прецизна скала на вредностите, за нас Бог е пред сѐ и се разбира потребите на човечкиот дух.

Архимандрит Рафаил (Карелин)