Денес нема молитва во животот на христијаните, и ако ја има, таа нема живот во себе. Самиот Христос, најчесто се молел на гори и на планински врвови, каде немало никого освен Него.
Христијанинот, пријателе, е човек на молитвата. Неговиот татко, неговата мајка, неговата жена, неговите деца, неговиот живот – е само Христос.
Христовиот ученик мора да живее единствено со Христа. Кога така ќе Го засака Него, тогаш неизоставно ќе ја сака и целата Божја творба.
Човекот мисли дека најпрво треба да се сакаат луѓето, а потоа и Бога. И јас правев така, но сè беше безуспешно. А кога почнав да Го љубам прво Бога, тогаш, во таа љубов, го пронајдов и својот ближен. И во таа иста љубов спрема Бога, секој мој непријател стана мој пријател и Божји човек. А молитвата е најосновниот облик на љубовта кон Бога.
Во денешно време, христијаните насекаде подигнаа мноштво на храмови, станаа писмени и учени, а живата молитва ја нема. Во тоа и е несреќата. Молитвата, човека го прави евангелски човек, Христов човек. Кога христијаните би ја знаеле силата на молитвата, тие би се преродиле. Јас сум слабо писмен, но молитвата ме учи како да мислам, како да зборувам и како да работам. Ти, пријателе, го познаваше Семјона Самсонович. Него молитвата го прероди, и тој стана голем човек. Често со него Му се молев на Бога во шумата.
Но молитвата не е доволна. Треба секој ден да се умира за Христос. Во тоа умирање е животот на христијанинот. Така духот мој ми говори: за Христа треба да се умира. Ние уште живееме, и нашиот живот е детска состојба на душата. Нејзината зрелост е – смртта, и тоа смрт заради Христа. Кога учениците умираа за Христа, тогаш го вкусија вистинскиот живот, и тој живот им бил толку сладок, што ги забораваа страдањата, па и самата смрт. Јас сум јуродивиот Максим, и ти велам, без јуродивост Царството Божјо не може да се придобие.
Архимандрит Спиридон Киевски