Да се анимира пошироката заедница, бизнис секторот и локалните самоуправи од Струмица и од регионот да се вклучат и да партиципираат во донаторски акции, беше целта на вечерашниот хуманитарен настан што го организира Фондација „Елеуса“.

Пред присутните гости, луѓето од „Елеуса“ ги презентираа досега постигнатите резултати од скоро едногодишното работење.

-Исак Сирин вели „Радувајте се со оние кои се радуваат и плачете со оние  кои плачат“. Ние плачевме и со Џоко од Русиново, и со баба Достана и уште со бројни наши браќа и сестри на кои им е неопходна помош. Но исто така се радувавме по секоја нивна добиена фотографија, радосни за помошта која ја добиле. Ние нема да застанеме тука. За дваипол месеци успеавме да поделиме 2.500 топли оброци, од почетокот до денес имаме испратено 750 хуманитарни пакети со храна и средства за хигиена. Помогнавме за реконструкција на две куќи, а испраќаме и еднократна помош. Истовремено организираме и различни едукативно- културни настани, рече Наташа Василевска Трајчевска, претставник на Фондацијата.

Сострдалноста и милосрдието се нешта на што нѐ учи самиот Христос, истакна Викарниот епископ Стобиски г.Јаков.

-Гладен бев, вие Ме нахранивте; кога бев жеден, Ме напоивте; кога бев патник, Ме прибравте, кога бев без облека, Ме облековте, кога бев болен, Ме гледавте; кога бев в затвор, Ме посетивте. Овие евангелски зборови на Христос на крајот ќе нѐ разликуваат од другите. Не колку долго стоиме во црква или колку се молиме, или колку метании правиме туку што чувствуваме во срцето кога ќе видиме некој што страда, што правиме за да помогнеме на беспомошните, гледајќи го секој човек како наш ближен, гледајќи го во него образот Божји, истакна меѓудругото, Викарниот епископ г.Јаков.

На настанот беа промовирани и видео записи за досегашната работа на Фондација „Елеуса“. Собраните средства од донаторските кутии ќе бидат наменети за подготовка на божиќните пакети со храна и средства за хигиена.