Илузии и соништа

Ги заборавив ланските соништа
на песочниот брег,
таму некаде под шарените чадори,
дури му се спротивставував на сонцето
и бегав во прегратките на дрвјата
во густата борова шума
за да си ја понесам потта со себе,
да не ми остане ниту капка
та да ми ја проголтаат споулавени бранови.
Понесов сѐ во дотраениот куфер:
вода за по пат – без сол,
школки без бисери,
стапала без песок,
камчиња без брег,
сувенири без мотив,
сеќавања без спомени,
бакнежи без страсти,
ноќи без соништа…
Во најголемата преграда од куферот,
ги спакував сите илузии,
тие зафаќаа најмногу место,
беа најтешки.
.

И. Беличев