Поимот „душа“ во библиска смисла на овој збор се разликува од нашето вообичаено поимање. Нашата свест најчесто го претставува човекот како составен од тело и душа, како сад со несмешливи течности (да речеме, со вода и масло). Во Библијата душата има многу повеќе значења и сѐ зависи од контекстот.

Душата, воопшто, го означува целиот човек доколку е оживеан со духот животен, но душата не е „делот“ кој во обединетост со телото го образува човечкото суштество. Поточно, душата не обитава во телото, ами се изразува со телото кое, од своја страна, како и плотта, го означува целиот жив човек. Затоа поимите „живот“ и „душа“ честопати имаат исто значење. Душата како субјект се совпаѓа со нашето „јас“, исто како и библиските „срце“ или „плот“, но со поизразена нијанса на внатрешна задлабоченост и на животна сила. Ова „јас“ се изразува во различни видови на дејности, кои дури и не се секогаш духовни.

Така, на пример, во една од евангелските приказни, богатиот вели: „И ќе ѝ речам на душата своја: душо, имаш многу добра, приготвени за многу години; јади, пиј и весели се! Но Бог му рече: Безумниче, ноќеска ќе ја побарам душата твоја” (Лука 12, 19-20).

Душата е симбол на животот, но не е неговиот извор. Изворот на животот е Бог, Кој дејствува преку Својот Дух. „И Бог му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа“ (Битие 2, 7).

Човекот се разликува од другите твари по тоа што тој органски соединува во себе два света – материјалниот и духовниот. Затоа процесот на нивно разделување, односно смртта, е толку страшен и мачен за човекот, зашто тој престанува да биде човек. Несомнено е дека на душата ѝ е нужно телото, а на телото – душата. Душата не е совршена без телото, а телото не е совршено без душата.

Исто така, постои тесна врска меѓу духот и мозочната активност. Секоја духовна активност е поврзана со мозочната, а секоја мозочна активност има духовен аспект. Ако е мозокот зафатен од болест или е во алкохолизирана состојба, човечката душа нема да може здраво да расудува. Исто како што ни најголемиот музичар не би можел да изведе ремек-дело на скршено пијано. Душата нема да биде слободна во својот избор ако ја парализира лошата работа на организмот.

Органската врска меѓу душата и телото се кине само со смртта. Преку болеста веќе почнува да се пројавува власта на смртта над човекот и затоа Библијата главно се осврнува на религиозното значење на болеста.

Епископ Константин Тихвински