Еднаш, додека престојувавме во Новиот Скит, еден од браќата имаше помисла на сомнеж: „Еве, ние се молиме, бдееме… сето тоа е убаво. Но, дали на таков начин им помагаме и на другите или само на себеси?“ И додека се подготвуваше да ја исповеда помислата на старецот, тој го испревари. Со лице на кое се гладаше длабока трогнатост, му рече на братот:
„Ноќеска, дете мое, Бог ми покажа едно страшно видение. Додека се молев, во еден момент ми се покажа дека се наоѓам на една многу голема трпеза. Стоев пред некаква врата што потсетуваше на Царските двери во Црквата. Таму внатре, во тој простор, неброено мноштво народ чекаше ред. Јас бев како прв мелничар. Таму ве видов и вас блиску до мене. Сечевте нешто како големи просфори и ми ги донесувавте мене. Останатиот народ приоѓаше во две редици, во едната беа живите, а во другата упокоените. На сите им делев по една порција благослов и сите заминуваа радосни. Меѓу нив видов многу луѓе што ми се познати, чии имиња се запишани во поменикот, и живи и упокоени.“
Потоа братот рече:
„Старче, ова што го раскажа беше за мене. Ја разреши мојата недоумица. Сега разбрав што значат молитвите и спомнувањето на проскомидија за целиот свет“.
„Дете мое, бидејќи те интересира, ќе ти кажам нешто од животот на мојот старец во однос на бројаницата. Мојот старец имаше во светот една сестра од чичко. Иако нејзиниот живот не беше толку добар, старецот сепак многу ја сакаше. Еднаш му јавија дека неговата сестра починала, и тоа на непријатен начин. Таа правела разни гримаси, движења, зборувала лоши зборови итн. Издивнала во толку бедна состојба. Дознавајќи за тоа, старецот почна да плаче. Јас се зачудив на толку големата осетливост и на толкуте солзи. Тој, меѓутоа, ја виде мојата мисла и ме испревари: „Не плачам јас, дете мое, затоа што таа умре, туку затоа што отишла во пеколот“.
Од тој ден старецот започна непрекинат пост и молитва за својата сестра. Откако поминаа доста денови, го видов старецот многу радосен.
„Што се случува старче?“
„Да ти кажам, дете мое, бидејќи овие денови не престанував да се молам, да бдеам, да постам и да плачам заради мојата сестра, денес имав пријатно и прекрасно видение. Додека се молев, ја видов мојата сестра жива пред мене и таа ми рече со големо умиление: ’Денес е денот на моето спасение. Денес се избавив од пеколот. Денес одам во рајот.‘ Одненадеж, во истиот момент, го здогледав пред себе блажениот отец Георгиј. Тој е современ светител. Додека бев во светот стигнав да го запознаам. Тој беше наумил, ако е возможно, сите грешници да ги извади од пеколот. Секој ден служеше литургија и спомнуваше илјадници имиња. Потоа ги обиколуваше гробовите и по цел ден вршеше помен за упокоените. Значи, бидејќи го здогледав во видението пред себе, го слушнав како ми зборува, восхитен: ’Бре, бре… јас до сега мислев дека упокоените се спасуваат само со литургиите и помените, но сега видов и разбрав дека оние што се во пеколот се спасуваат и со бројаница.‘ И повторно со восхитување рече: ’И со бројаница се спасува светот…!‘ Преку ова видение бев известен дека мојата сестра е спасена, но Бог ми ја покажа и силата на бројаницата, дека може да ја избави душата од пеколот“.
Кажувајќи му го ова на братот кој беше потресен, старецот му даде благослов и му рече: „Го имаш мојот благослов, и погрижи се колку што можеш да се присилиш себеси во послушанието и молитвата, ако сакаш да си помогнеш себеси и на другите“.
Старец Харалампиј Дионисијатски