Прогоните во древната Црква биле скоро секаде присутни во раното христијанство. За паганскиот свет, навикнат да се раководи според материјалните категории, било многу тешко да го прифати учењето на Христос, да го пропушти низ својата душа и да го помири со особеностите на културата, на менталитетот и на воспитанието од тоа време.
Како е можно, на пример, да го сакаш својот непријател и да му проштеваш? За древниот човек, особено за воинот, оваа мисла е неприфатлива. Земјите и народите тогаш биле во постојана војна – и со надворешните непријатели, но и во рамките на државата. Ова уште повеќе важи за колосална држава, каква што била Римската империја. Како е можно бескрајно да се простува? На крајот на краиштата, таа го има судот со своето добро развиено римско право. Од идеите на божествениот Учител се збунувале многумина, и тоа многу често прераснувало во омраза и во злокобност кон оние што го усвоиле Новиот Завет. Отпрвин тие биле малцинство, но мнозина од нив станаа прогонувани и маченици.
На повеќето европски јазици, зборот „маченик“ означува martyr (од μάρτυς – сведок). Етимолошкото вкрстување на зборовите „маченик“ и „сведок“ е нешто што изгледа особено симболично. Оној што трпи страдање, но не само заради одредени животни околности, туку заради вистинската вера, за верата во Христа, и најчесто, со името на Спасителот во својата уста и во молитвата, е вистински сведок. Но, сведок на што?
Како прво, на својата вера, која е поткрепена не само со нејзино исповедање преку зборови, не само со некои редовни и секојдневни постапки, туку и со твојата подготвеност да го дадеш за неа највредното нешто, а тоа е својот живот.
Второ – како доказ за исправноста на искажаното од Спасителот дека дури и вратите на пеколот нема да можат да надвладеат над Црквата (Мат. 16, 18).
И, трето – како земен доказ на идејата за бесконечниот живот. Имињата на древните маченици се запишани од првите мартиролози, а во древната Црква, верниците не ги заборавале своите страдалници, иако можноста да бидат сведоци на нивниот подвиг биле крајно ограничени. Прогонството од гонителите и потребата да се сочува строгата доверливост – сето ова биле типични карактеристики за животот на древните маченици, со кои нашата Руска црква ќе се соочи дури во XX век.
Иако е парадоксално за паганскиот светоглед, сепак борбата против христијаните во древната Црква не довела до уништување на следбениците на Спасителот, туку до нивно зголемување. Во исто време, се разбира, имало и отпор од страна на христијаните, но методите на овој отпор биле словото, увереноста и духовниот живот. Св. Атанасиј Александриски пишува: „Не со меч, ниту со стрели, не со помош на воени одреди, туку со увереност и со правилна мисла се објавува вистината“ (Историја на Аријанците, 33). Истиот метод продолжува и во текот на идната историја на христијанството.
Митрополит Иларон Алфеев