Солзата што го дави окото,

еден ден ќе исцрта насмевка

врз пропаднатото лице

и се удави во исушените бразди

растргнати низ душата

и дамарите на човечкото битисување.

И грлото не ја сака веќе,

а окото молитвува да капне,

да не му ја удави зеницата

и украде последната светилка

што едвај заблескува во изгубената далечина.

Горчлив неспокој налева врз коравоста на усните,

та да треперат, а да не изустат.

Ќе пресушат – еден ден,

кога залезот ќе го проголта изгревот,

ноќта – утрото,

огнот – сувите гранки,

човекот – вечноста,

за да му остане насмевката.