Прокоцкано време

Чиниш кула од карти се распаѓа
ситна прашина создава,
молчешкум ја нагризува утробата
од темел ја тресе снагата.
Ги топи душите
небаре сонцето снегот,
секнува изворот
за жедни да останат грлата.
Обескрилувајќи ја птицата
ја зароби песната,
го урниса сламеното седало
ја докрајчи мелодијата.
Збесната виулица
го откина последниот лист
од старата исушена гранка
го посла на земја за да го згази.
Претрчувајќи ни пред нос
ни го замагли видот
за да не се познаваме,
посегна по зборот
за да го урниса муабетот.
Свртувајќи го рулетовото тркало,
ко арач ни го собра сиот влог.

Ице Беличев