На секоја богобојазлива душа ѝ претстојат два големи подвизи: првиот – да ја здобие благодатта на Светиот Дух, зашто без неа никој нема можност дури ни да стапне на патот на спасението, а уште помалку да оди по него; и вториот, оној потешкиот, се состои во тоа, таа благодат која е стекната со многу пот и труд, да не биде загубена. Губењето на благодатта настанува од следниве причини: откако благодатта Божја подолго време пребива во душата, одејќи го заедно со неа патот на спасението, по извесно време врз неа се крева силна и тешка борба, налик на онаа која, повикувајќи кон Бога, ја опишува пророкот Давид: „Господи, колку многу се намножија непријателите мои! Мнозина се креваат против мене; мнозина велат за душата моја: нема спас за него во Бога“ (Пс. 3, 1-2).

Тогаш непријателот говори дека твоето спасение не се извршува со силата на Бога, туку преку твојата мудрост и моќ. Ако душата се согласи со оваа сугестија, благодатта си заминува од неа. Но, ако таа, отфрлајќи ги таквите помисли, започне заедно со Давид да Му вознесува благодарење на Бога: „Но Ти, Господи, си застапник мој, слава моја; Ти ја подигаш главата моја, Ти со Твојата божествена благодат го извршуваш моето спасение, а не јас“ – тогаш благодатта Божја сè уште ќе пребива во душата.

Тоа е тој втор подвиг, кој следи после првиот: во првиот се здобива благодатта на Светиот Дух, додека вториот – големиот подвиг да не бидеме лишени од благодатта Божја која веќе сме ја стекнале, ѝ претстои на душата сè до последниот наш здив. Душата всушност, заедно со блажениот апостол Павле, кој многу се потрудил, должна е громогласно да воскликнува, за да ја слушнат сите ангели и целиот род човечки: „Не јас, туку благодатта Божја која е со мене“ (1. Кор. 15, 10) – тоа значи дека јас не сум направила никакво добро сама од себе, туку благодатта Божја која е со мене. Зашто и апостолите, и пророците, и мачениците, и свештениците, и преподобните – сите тие исповедале ваква благодат на Светиот Дух.

И заради таквото исповедање, а и со помош нејзина, се подвизувале со добар подвиг и успешно ја завршиле својата трка. Тоа била онаа вера која тие ја сочувале; тие верувале дека таа е победителка над големите, многу чести и разни тешкотии со кои се среќавале во животот. Во центарот на таквите слабости на човечката природа, кои во себе ги согледувале, се наоѓала благодатта Божја чии сотрудници отсекогаш биле. Откако поверувале уште на самиот почеток, дека тоа е така и така мора да биде, истото го искусиле и го спознале и на дело, а спознавајќи го тоа, Му заблагодариле на Бога Кој така устроил и благоволил. Заблагодарувајќи – така и исповедале; исповедајќи – така и се овенчале; овенчувајќи се – така и се прославиле. Имајќи го во себе знакот на обожувањето, откако се претвориле во причасници на божествената природа, а со тоа и како богови по благодат, можеле секогаш да пребиваат со Господа во новиот живот.

Свети Симеон Нов Богослов