Човекот е создаден да живее. Но да се живее не значи нешто да се достигне, туку повеќе да се бара, вечно да се бара и напредува, да се расне и возраснува (Ефес. 4, 12-15). Рускиот израз „искање“ е поубав, а тоа не е само барање. (Јас една моја збирка од статии ја насловив „Трагање по Христа“, но „искање“ значи повеќе од тоа). Тоа е и барање, не само трагање: „Кој тропа ќе му се отвори, кој бара ќе најде, кој иска ќе му се даде“ – вели Спасителот. Св. Григориј Богослов говорел дека тоа е вечното барање на животот, и тоа самото по себе е веќе живот, содржи живот, како што љубовта е живеење на љубовта, а не само „насладување“ од неа.

Грешката од нашите искуства од љубовта е главно, што бараме да се задоволиме, „наситиме“ (тоа е нашата „потрошувачка“ цивилизација), при што љубовта станува средство, а не содржина на животот. Станува нешто што е подложно на искористување, експлоатирање, како некое јадење. Јадењето, на пример, е благослов од Бога, но ако стане самоцел на човекот, тогаш тоа истовремено станува и своевидно проклетство, и тоа е таа загатка за која говори Достоевски.

Со други зборови, ништо во овој свет не е „самоценно“, самоцелно, самовредно. Единствено човекот е над сето тоа, како вредност самата по себе. Но, тоа е така, зашто човекот е слика Божја. Според Достоевски, Бог и бесмртноста на душата се две оски кои го сочинуваат човечкото битие. Тој говори дека кога таа идеја ќе се отстрани, тогаш човекот ќе стане ѕвер, па наместо очовечување, настанува расчовечување на човекот. Затоа Достоевски бил толку силен критичар на хуманизмот, на голата хуманост.

Денес, Европа е целата во хуманизам. Но, кој хуманизам од сите видови европски хуманизми да го земеме и примениме? Достоевски вели: „Господа, дајте ми наспроти Христа некој од вашите мудреци, убавеци, вашите политичари, литерати, философи, кого сакате… кого ќе ми го истакнете!?“

А јас денес би рекол: Кого? Пикасо, Клинтон, Олбрајт, принцезата Дијана?

Е па, Достоевски бил одличен аналитичар не само одвнатре, туку и критички разурнувач на тој лажен хуманизам, гол сентиментализам и еротизам, кој претставува вадење на површината и соголување на она здраво, чесно и од Бога дарувано чувство во човекот.

Тоа само по себе не води никаде, бидејќи најчесто се претвора во својот контраст, во својата спротивност.

Епископ Атанасије Јевтиќ