Секое дело на Христа е пофалба за Вселенската Црква, но пофалба на пофалбите е чесниот Крст. Знаејќи го ова и Павле говори: „А мене, да не ми даде Господ да се фалам со нешто друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого за мене светот е распнат, а и јас за светот“ (Гал. 6, 14). Восхитувај се бидејќи е искупен целиот свет, зашто за него не умре прост човек, но Единородниот Божји Син. Гревот на единствениот човек Адам имал толкава сила, што нанел смрт на светот – ако со престапот на еден човек смртта царува во светот, нема ли дотолку повеќе со правдата на Единородниот да се зацари животот? И ако тогаш заради дрвото од кое вкусиле прародителите биле исфрлени од рајот, нема ли сега оние кои веруваат, преку Исусовото дрво да влезат во рајот? Ако првосоздадениот од земја донесе смрт за целиот свет, тогаш нема ли да принесе вечен живот Оној Кој го создал човекот од земја, кога и Самиот Тој е живот? Ако Финес, откако поревнува па го умртви срамнодејникот и го прекрати Божјиот гнев (4. Мојс. 25, 11), зарем Исус, Кој не некој друг го предаде на смрт, а Себеси се принесе во искупителна жртва, не ќе го смири гневот против луѓето?

Поради тоа, не треба да се срамиме од крстот на Спасителот, туку да се фалиме. Словото за крстот за Јудеите е соблазна, за незнабошците – безумие, а за нас – спасение, зашто умрел за нас не прост човек, но воплотениот Син Божји, Бог! И така, Исус навистина пострадал за сите луѓе, зашто крстот не е мечта, инаку и искупувањето би било мечта; зашто и смртта не била вообразба, инаку и спасението би било измислено. Ако смртта би била вообразба, би биле во право оние кои говорат: „Се сетивме дека Оној измамник, уште дури беше жив, рече: По три дни ќе воскреснам“ (Мат. 27, 63). Така страдањето е вистинско, зашто Христос вистински е распнат, и ние не се срамиме од тоа. Распнат е и ние не го одрекуваме тоа, туку напротив: се фалиме кога зборуваме за тоа. Ако јас сега почнам да го одрекувам искупувањето, ќе ме изобличи онаа света Голгота до која се наоѓаме сите, ќе ме изобличи и крстното дрво, раздадено од тука на делови веќе во целата вселена. Го исповедувам крстот, зашто го знам Воскресението. Ако Христос би останал распнат, тогаш можеби јас не би го исповедувал крстот, можеби исто така би замолчел и за мојот Учител, но затоа дека по крстот следело Воскресението, тогаш јас не се срамам да проповедам за крстот.

И така, прими ја за почеток нескршливата основа – крстот, и гради врз него сѐ друго во верата. Не се одрекувај од Распнатиот, зашто крстот не е мечта, зашто ако е мечта, мечта е и Вознесението. Ако пак, Воскресението е мечта, мечта е и второто пришествие и сѐ друго е неприфатливо.

Св. Кирил Ерусалимски