Искушенијата што ги допушта Бог се соодветни на нашата издржливост. Но за жал, многу често кон нив се додаваат зајадливи шеги и безрасудни зборови на немилосрдни луѓе, па тогаш ние веќе гориме. Силниот ветер вообичаено ги крши тенките дрвја и ги откорнува оние без длабоки корени, а на длабоко вкоренетите им помага уште повеќе да ги продлабочат.

Милостивиот Бог не се успокојува од дивиот и немилосрден ветар кој едните ги крши, а другите ги корне, туку Тој сака да се однесуваме милосрдно како што е Он милосрден, и со љубов и болка да им помагаме на нашите ближни, бидејќи луѓето не се дрвја, туку икони Божји.

Никој не може да ѝ наштети на човековата душа, освен ние самите.

Искушенијата што Бог ги допушта го подложуваат човекот на испит, така што тој самиот ја проверува својата духовна зрелост и бива принуден да се смирува. Потоа, откако смирено и радосно ќе ги прими искушенијата Бог му дава благодат, како лек за неговата душа, а тој трпеливо Го слави Него и за тоа Му благодари. Добро е што милостивиот Бог дозволува да бидеме искушани, бидејќи ќе имавме скриени страсти и бесмислени побарувања на Судниот ден.

Но, и тоа да ни го прогледаше низ прсти, дури и такви какви што сме да нè примеше во Рајот, и таму ќе создававме проблеми. Затоа допушта овде да нè стресат искушенијата, за да се очисти нашата душа со плач и жалост, та да бидеме принудени да го најдеме нашиот Спасител, т.е. да прибегнеме кон Бога.

Луѓето оддалечени од Бога се најнесреќни на светот. И во овој, но и во идниот, вечен живот. Уште понесреќни од нив се демоните, кои се оддалечија од Него пред илјадници години, со својата гордост и злоба. Така, останувајќи непокајани, продолжуваат и понатаму да се оддалечуваат. А најблажени меѓу луѓето се оние што со болка и внатрешна скрушеност покажаа најголемо покајание, преку кои го скршија гордиот непријател. Тие со подвиг го смирија своето немирно тело, му го потчинија на духот, па каејќи се и враќајќи се кон Бога причинија најголема радост на Небото.

Старец Паисиј Светогорец