Службата на свети Јован Крстител се состои во тоа дека тој е пророк, што им ја објавил на луѓето волјата Божја, која е содржана во покајанието: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“. И тој ја завршил својата служба до крај, покажувајќи се верен на Бога до самата смрт. Сите пророци, до последниот, беа убиени, и сите апостоли, освен еден, на истиот начин ги завршија своите животи.
Зошто тоа обично им се случува на пророците? Затоа што човекот се оддалечил од Бога и од Неговата волја, тој врви против неа, и нејзе ѝ се спротивставува.
Обидете се некому да му ја кажете вистината во очи – ништо друго освен омраза ќе добиете за возврат од секој човек, па дури и од оние што одат во црква, зошто ништо не боли толку силно како вистината. Кога нешто нè боли, ние почнуваме да ја мразиме таквата болест, тоа е сосема природно. И затоа, кога на грешниот човек се возвестува Божјата волја, тој започнува да го мрази оној што неа му ја објавува. Малкумина сакаат да се исправат, па затоа и секој пророк бидува омразен. Токму заради тоа и го замразиле свети Јован Крстител.
Тој бил проткаен со Светиот Дух и во светлината на Духот Божји му биле откриени човечките гревови. А Претечата ги изобличуваше сите што доаѓаа кај него, укажувајќи им на нивните гревови. Тој дури го прекорил и царот, бидејќи се оженил со жената на својот брат. Јован велел дека Ирод не постапува правилно, и дека им дава лош пример на своите поданици. А оние кои имаат моќ, имаат и голема одговорност: и за своето однесување и за своите постапки.
Ако царот извршува такви безобразности, што да кажеме за обичните смртници. Е затоа, ништо не боли како вистината, па Ирод сакал да го убие Јован, но се плашел, бидејќи народот многу го почитувал. Затоа и го фрлил во темница, за овој да не му пречи. Да може спокојно да се опива, да пирува, да се насладува на животот. Поучена од ѓаволот, неговата блудна жена ја навела својата ќерка да издејствува од пијаниот Ирод да ѝ се заколне и да ѝ даде сè што ќе посака од него. Мајка и ѝ рекла: Побарај ја главата на Јован Крстител. Бидејќи, самото негово постоење ги потсетувало на нивниот грев.
Обидете се да го потсетите некој човек на неговиот грев, и тој ќе ве замрази. Никој нема да каже: Да, јас сум грешен, навистина, навистина е така; јас дури сум полош од она што ти за мене го мислиш. Не, сите почнуваат вака: А ти самиот каков си, погледни се себеси. Затоа и бил убиен Јован Крстител. Тоа, се разбира, се случило по Божја промисла, тој пострадал за Христа. Пострадал до крв, исполнувајќи ја својата должност, својата служба на пророк.
Протојереј Димитриј Смирнов