ТАПИЈА

Ми рече чуј, еве ти ја оставам земјава
Сè што ќе изодиш
од изгрев до умирачка:
нивјето, лозјата, ливаѓето,
бавчите, изворите, светлините –
земи сè, заорај си го своето,
оти утре кој знае што ќе биде
можеби ќе лебдиме во друга димензија
Тоа ти е од мене тапија

И кинисав меѓите да си ги измерам
А измерив од петиците до тилот
И колку што ми се широки рамењата –
олку е моето богатство, азното

Ме лажеш ли господе
дека зборот ми е вечен,
а сонот бесконечен?

Векот ми опусте од црнила
Со тапија

Иван Василевски