Кога праведните Јоаким и Ана видоа дека се удостоени во исполнувањето на нивната желба и кога на дело се оствари Божјото ветување, тие како вистински богољупци побрзаа да го исполнат својот завет пред Бога: веднаш штом престана да се храни со млеко, го однесоа ова навистина свето и божествено Дете – Светата Дева – во Божјиот храм. И покрај нејзината кревка возраст, таа беше исполнета со божествени дарови и разбираше повеќе од другите што нејзе ѝ се случува, и со сите свои квалитети покажуваше дека не неа ја воведуваат во храмот, туку таа по сопствена волја отиде да му служи на Бога, како самата да полета со сопствени крилја кон светата љубов Божја, уверена дека нејзиното воведување во храмот, во Светињата на Светињите, и нејзиното тамошно престојување е токму она што Таа го посакува.

Затоа првосвештеникот, гледајќи дека Божјата благодат почива врз девојката повеќе отколку кај кого било друг, посакал да ја всели во Светињата на Светињите и воедно ги убедил сите подготвено да се согласат на тоа. И Бог ѝ помагаше на Дева, и ѝ испраќаше преку Својот ангел таинствена храна, благодарение на која таа се укрепуваше и стануваше почиста од ангелите, имајќи ги во исто време и небесните духови како свои служители. Не само што веднаш беше воведена во Светињата на Светињите, туку и беше прифатена од Бога, за да остане при Него во текот на сите оние години: зашто преку Неа требаше да се отворат Небесните живеалишта за луѓето. Ете зошто Избраната меѓу избраните, од почетокот на вековите се покажа како Пресвета меѓу светиите.

Ние пак, размислувајќи за спасението што се изврши преку Пресветата Богородица, со сите сили да ѝ оддадеме пофалба и благодарност. И навистина, ако благодарната жена (за која ни раскажува Евангелието), слушајќи некои од Господовите спасителни зборови, се заблагодарила на Неговата Мајка, кревајќи го гласот од толпата и велејќи Му на Христа: „Благословена е утробата што те родила, и градите од кои си се хранел“ (Лука 11, 27), та колку ли повеќе ние, христијаните, на кои во нашите срца се врежани зборовите на вечниот живот, и не само зборовите, туку и чудата и страдањата, и преку нив, и воскресението на нашата природа од мртвите, и нејзиното вознесение од земјата на небото, и ветениот ни вечен живот, и вистинското спасение, ќе треба да ја славиме и неуморно да ја благословуваме Мајката на Началникот на спасението и на Животодавецот, славејќи го нејзиното зачнување и раѓање, а сега и нејзиното воведување во храмот – во Светињата на Светињите.

Да се придвижиме, браќа, од земјата нагоре, да се пренесеме од плотта кон духот, да го претпочитаме и посакуваме постојаното, а не временото. Да им оддадеме должен презир на плотските наслади, кои служат како мамка за душата и многу бргу поминуваат. Да посакаме духовни дарови кои се нераспадливи. Да ги оттргнеме разумот и вниманието од животните грижи и да ги издигнеме кон небесните височини – кон онаа Светиња на Светињите, каде што сега пребива Богородица. Зашто на тој начин и нашите пеења и молитви со богоугодна полза и дерзновение ќе допрат до Неа, и благодарение на Нејзиното застапништво ќе станеме наследници не само на сегашните, туку и на идните, бескрајни добра – со благодатта и човекољубието на од Неа Родениот, заради нас – нашиот Господ Исус Христос, Кому му приличи славата, царството, честа и поклонението, заедно со Неговиот Безпочетен Отец и Неговиот Вечен и Животворен Дух, сега и секогаш и секогаш, и во вечни векови. Амин!

Свети Григориј Палама