На празникот на Христовото Воскресение, излезе од печат новата книга на Митрополитот Струмички Наум – „Прирачна психоанализа“, во издание на манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“, Велјуса.

* * *

„А Синот Божји, Богочовекот Исус Христос, на луѓето кои сакаа, покрај тоа што ги потсети на основните човечки дарови, им ја покажа и ги научи и на духовната надградба. Таа надградба, да запамeтиме, може да се оствари само доколку постојат основните човечки дарови.

Што подразбираме под духовна надградба? Што уште ни покажа и со дело нѐ поучи Богочовекот Исус Христос?

Ни покажа, најважно и најглавно, дека треба да ги љубиме и непријателите. Љубовта и кон непријателите е основна и главна карактеристика која нас, луѓето, нѐ прави синови Божји и богови по благодат; и ништо друго. И нема друг начин.

Ни покажа и нѐ поучи и како духовно да пораснеме и да ја достигнеме оваа Божествена љубов. Нѐ поучи дека, покрај лоши дела и зборови, срцето треба да го очистиме и од зли чувства и мисли. Нѐ поучи како да се смируваме во Божјата волја. Нѐ поучи да Му благодариме на Бог за сѐ, посебно за злото кое ни се случува; нѐ поучи како целиот наш живот да ни биде благодарење.
Нѐ поучи дека, во секое искушение треба да ја бараме Божјата правда, а не човечката. Нѐ поучи како непрестајно да Му се молиме на Бог за сите луѓе, без исклучок. Ни покажа и нѐ поучи што значи преобразување и обожение на човековата личност и неговата природа, и што е тоа гледање на несоздадената Божествена светлина. Ни покажа како обожениот човек може да ја победи смртта станувајќи обожено Тело Христово, во микро и макро смисла, во Црквата чија единствена Глава е Он – Господ Исус Христос; нѐ направи автентични сведоци на Неговото Воскресение. И ни ја дарува вистинската вера.“ (извадок од книгата)