И така, ние го празнуваме покровот на Пресвета Богородица во спомен на нејзиното славно појавување во Влахернската црква, што го видоа свети Андреј и блажениот Епифаниј. Празнуваме со благодарност кон нашата Покровителка за ова нејзино големо милосрдие, кое беше пројавено врз христијанскиот род, и искрено ја молиме секогаш милостиво да нѐ закрилува нас кои имаме голема потреба од нејзиниот покров и застапништво. Колку многу, колку бескрајно ние го лутиме Бога и во секој час правиме гревови! Без внимание и тешко грешиме, а честопати не ни помислуваме да се покаеме!

Затоа, во многу случаи потпаѓаме под Божјата казна и нѐ снаоѓаат разни неволји, токму според она што е кажано: „Многу рани се товарат врз грешникот“ (Псал. 31, 10). Згора на тоа, ние одамна ќе загиневме од духовна и телесна смрт, ако не нѐ покриваше нашата милостива Владичица, ако со своето молитвено застапништво не го продолжеше Божјото долготрпение кон нас. „Ако Ти Богородице, не би се застапувала со твоите молитви – се вели во една црковна химна, – кој би нѐ избавил од толкуте многу неволји, кој би нѐ запазил досега слободни?…“

Св. пророк Исаија нѐ советува: „Сокријте се за малку, додека не помине гневот Господов“ (Иса. 26, 20). Но, каде можеме да се скриеме од Божјиот гнев? Не постои место каде ние грешните би можеле да прибегнеме, освен под молитвената закрила на Небесната Царица, која преку зборовите на Светиот Дух зборува за Себе: „Ја покрив земјата како магла“ (Сир. 24, 3). Да се ​​сокриеме под Нејзиниот покров, со кого Таа како магла ја покрива целата земја.

Но, зошто, Пресвета Дево Богородице, се споредуваш себеси со нешто невидливо како маглата? За тебе е достојно да бидеш подобна на сонцето, месечината или на ѕвездите, како што е кажано: „Која е таа што блеска како зора, што е убава како месечина и светла како сонце? (Песна на песните 6, 9).

Св. Димитриј Ростовски