Откако ме предаде на Доротеј – Тивејскиот подвижник, кој ја поминуваше шеесеттата година во својата пештера, тој ми нареди да останам кај него три години, поради скротување на моите страсти (бидејќи знаеше дека овој старец води многу строг живот), и ми заповеда по истекот на трите години повторно да му се вратам, за понатамошна духовна поука.

Но, јас не можев да останам кај него три години, бидејќи тешката болест ме натера да го напуштам пред одреденото време. А тој преку целиот ден, па дури и во врелината на пладнето, собираше камења во приморската пустина, постојано ѕидајќи ќелии, кои им ги предаваше на оние што не можеа самите да си ги изградат. Секоја година тој градеше по една ќелија. Еднаш му реков: „Што правиш оче со твојава старост, со таков труд на ваквата жештина си го убиваш телото!?“ Тој ми одговори: „Тоа ме убива мене, па и јас ќе го убијам него“.

Дневно јадеше по шест унци леб (една унца изнесува 30 грама) и грст салата, и пиеше по малку вода. Бог ми е сведок, дека јас никогаш не го имав видено да ги испружи нозете, или да легне да спие на рогозината, или на постелата, туку цела ноќ седеше и плетеше палмови гранки (за правење кошници), и на тој начин си го заработуваше лебот.

Сметајќи дека можеби поради мене започнал да води ваков строг подвижнички живот, јас започнав грижливо да се распрашувам кај многуте негови ученици, дали низ целиот живот така се подвизувал (некои од тие ученици живееја сосема одвоено и веќе беа прославени со добродетелниот живот), а тие ми одговорија: уште од млад така живее, никогаш не легнал со намера да спие, освен кога во текот на работата, или за време на јадењето, тој за миг ќе ги затвори очите, така што залакот често пати му паѓа од устата, од преголема сонливост. Еднаш кога се обидов да го принудам овој свет човек малку да прилегне на рогозината, тој возбудено ми рече: „Ако некогаш ангелите ги наговориш да заспијат, тогаш ќе го наговориш и ревносниот подвижник“.

Еднаш, беше околу три часот по пладне, тој ме испрати до неговиот бунар, за да ја наполнам стомната, бидејќи беше близу времето за јадење. Кога дојдов до бунарот, јас на дното здогледав отровница, и од страв не зафатив вода, туку истрчав кај него и повикав: „Пропаднавме, ава, оти на дното од бунарот видов отровница“.

А тој сериозно ми се насмевна, се загледа во мене подолго време, и вртејќи со главата ми рече: „Ако на ѓаволот му падне на памет во сите бунари и водни извори да нафрла отровници, или змии, или отровни животинки, зар ти сосема ќе престанеш да пиеш вода?“, и излегувајќи од својата ќелија, тој самиот ја наполни стомната, ја осени со крстниот знак и прв се напи од водата, велејќи: „Каде што крстот осенува, таму е немоќно злото на сатаната“.

Епископ Паладиј Еленополски

Извадок од книгата „Лавсаик“