Ти себеси се нарекуваш грешник, а всушност со својот живот покажуваш дека таков не се чувствуваш. Оној што се смета за грешник и виновен за многу зла, тој на никого не му противречи, со никого не се препира и на никого не се гневи, туку сите ги смета подобри и поразумни од себеси. Ако си ти грешен, тогаш зошто го прекоруваш својот ближен и го обвинуваш дека преку него доаѓа твојата жалост? – Од ова произлегува дека и јас и ти уште не сме почнале да се сметаме за грешници. – Гледај, брату, какви сме ние, едно зборува нашата уста, а нашите дела покажуваат нешто сосема друго.
И зошто кога се бориме со нашите помисли, не добиваме сили за да можеме да ги победиме? Зошто најнапред го осудуваме нашиот ближен и преку тоа ги ослабуваме нашите духовни сили? И зошто го обвинуваме нашиот брат, кога и ние самите сме виновни? – Возложи ја на Господа секоја твоја помисла и говори вака: „Бог го знае она што е корисно“. И ќе се успокоиш и малку по малку ќе добиваш сила да можеш да трпиш.
Ако некој не ги претрпува навредите, тој нема да ја види ни славата; ако не се очистиш од горчината, нема да ја почувствуваш ни сладоста. Ти си влегол во манастирско братство и имаш најразновидни прилики – за да бидеш раздразнуван и испитуван. И златото се проверува само во оган. Затоа не си поставувај никакво правило, туку со помошта на стравот Божји испитувај кога и што е потребно – и спрема времето, но и спрема околностите; не прави ништо со загриженост. Колку ти е тоа можно, оддалечувај се од гневот; никого не осудувај и особено љуби ги оние, кои ти се здодевни и кои те искушуваат. Ако добро проникнеш во вистината, ќе видиш дека тие најмногу ти помагаат да напредуваш во добродетелта.
Биди долготрпелив во жалостите, за да можеш да ја сфатиш пораката на Господа: „Во светот ќе имате маки; но не бојте се, зашто Јас го победив светот“ (Јован 16,33). Така ќе ја имаш сепобедната љубов, која ги воведува во царска палата и ги прави браќа Христови, оние што неа ја придобиле.
Преподобни отци Јован и Варсануфиј