Смирението не може да дојде самото по себе. Без него и без Божјата благодат во животот, никогаш немој да сметаш дека нешто можеш да направиш. Спасителот вели: „Без Мене не можете ништо да направите“ (Јн. 15, 5). 113-то правило на Картагенскиот Собор гласи: „Но, ако некој сепак вели дека може што било без Христа, нека биде анатема“.
Брате, зарем не знаеш дека ако мислиш високо за себе и се гордееш, тогаш од тебе заминала помошта Божја? Затоа што е речено: „Бог се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат“ (Јак. 4, 6; 1 Пет. 5, 5). Размисли за тоа дека без Божјата благодат ти си прав и пепел. Ако сметаш дека, ете, Господ те трпел до сега и дека така секогаш ќе биде, тогаш со голем страв загрижи се, затоа што Бог долго трпи, но понекогаш и ги претекнува настаните!
Сине мој, размисли за тоа дека го имаш само времето во овој живот, и со ревност, со желба да бидеш со ангелите на небото, барај да се смириш себеси, затоа што само така ќе дадеш права вредност на онаа убавина што си ја стекнал, па ова духовно богатство, недај Боже, да не ти послужи за погибел во огнот. Пази на себе, брате, ако размислуваш дека ќе умреш и дека Бог може да те посети во секој момент, тогаш таа помисла ќе те научи како да постапуваш. Бидејќи е познато дека Христос во тоа што ќе нè затекне, според тоа и ќе ни суди (Језек. 33, 20).
Без смирение, нема никаква надеж за спасение! А ако, брате, нема кротост во срцето твое, тогаш знај дека во него има некакво превознесување. Неопходно е да се сфати дека Бог бара многу малку од нас, и дека ние ќе добиеме наследство заедно со Него!
Кротост, кротост и уште еднаш – кротост!
Старец Арсениј Папчок