Како треба да се исповедаме
Светата тајна Исповед не може да постои самата за себе. На неа секогаш ѝ претходи искрено и длабоко покајание, без кое исповедањето не би имало некакво значење.
Гревот ја има таа сила и моќ да нè одвои од Бога, од небото, од вечниот живот и во исто време да нè испрати во пеколот, во вечната смрт. „Плата за гревот е смртта“ – нè опоменува светиот апостол Павле. Според тоа, гревот се покажува како најголем, дури и единствен противник и непријател на нашето спасение.
Што всушност претставува гревот? Едноставно кажано, гревот е состојба кога некој мисли, говори или го прави она што Бог го забранува со Своите заповеди или, пак, кога не мисли, не говори и не го чини она што Бог ни заповеда да го правиме. Гревот значи не е само престапување на заповедите Божји туку е и неисполнување и не правење на истите. Гревот не е само чинење на зло, туку во исто време е и неправење на добро.
Значи ако е точно дека не постои човек што живее, а да не згреши, и ако само гревот нè лишува од спасението и нè одвојува од Бога, тогаш е точно и тоа дека нема друг пат и начин за очистување од гревовите и за враќање кон Бога, освен преку Светата тајна Исповед и преку покајание. Во оваа Света тајна човекот се чисти од сите оние гревови кои ги направил после Светото Крштение, заради што честопати таа се нарекува и второ Крштение, односно потопување и преумување во солзите на покајанието.
Покајанието е аголен камен на духовниот живот и на нашето спасение. Спознавањето на својата грешност, тагата за тоа што со гревови сме го навредиле Бога, одлуката да направиме една суштинска промена во нашиот живот и смиреното приоѓање кон Светата тајна Исповед пред свештеникот, односно духовникот, преставуваат самиот почеток на нашето спасение.
Се поставува прашањето: кому и пред кого треба да се исповедаме? Одговорот е пред живиот Бог, од Кого ништо на овој свет и во нашите животи не е скриено, а се разбира и пред неговиот посредник – свештеникот (духовникот). Тајната на исповедта ја востановил Самиот Господ, велејќи им на Своите ученици: „Примете Дух Свети, на кои ќе им ги простите гревовите ќе им бидат простени и на небото, а на кои ќе им ги задржите, ќе им бидат задржани и на небото“. Ова право на „простување и задржување“ на гревовите на луѓето кои се каат и исповедаат се пренесувало од апостолите, преку Светиот Дух, на сите нивни наследници, на епископите и свештениците, до денешен ден. Така семудриот и човекољубивиот Бог направил, и покрај сеопштата грешност на луѓето, спасението да биде достапно и остварливо со посредство на Светата тајна Покајание и Исповед.
Исто така се поставува прашањето: кога е потрeбно да се исповеда православниот христијанин? Одговорот е секогаш кога за тоа ќе почувствува потреба. Кога ќе стане свесен за некој свој пад, за својата грешност, а особено кога гревовите ќе почнат да му пречат во животот. Никогаш покајанието не смее да се одложува „за утре“, за „подоцна“, за „стари денови“. Денешниот ден е сè уште во наша власт, а утрешниот е во Божјите раце. Никој од нас не може да биде сигурен дека утрешниот ден ќе ни биде даруван.
На крајот, треба да знаеме уште нешто, а тоа е: како треба да се исповедаме? На исповед треба да се навикнеме, треба да се научиме. Како што сите вештини во животот се учат со пракса, така се учи и самото исповедање. За тоа ни помагаат некои наши духовници и исповедници. За самите почетници, еве неколку од нив посочени практични совети:
- Пред самата исповед, најпрво треба да се сетиме на сите свои гревови, испитувајќи го својот минат живот, сè до најраното детство.
- Гревовите свои треба да се исповедаат отворено, темелно, без срам и самоправдување, знаејќи дека се зборува не на човек, туку на самиот Бог.
- При исповедта не смееме да вмешуваме други личности, да не се жалиме на никого и да не се правдаме себеси за направените гревови.
- Без прашање на духовникот не треба да зборуваме за тоа што не сме го грешеле, што не сме го правеле, за да не бидеме слични на евангелскиот фарисеј.
- Со понизност и смирение во срцето ќе треба да пристапуваме кон исповедта.
- Гревовите треба да се исповедуваат со вера во Исуса Христа и со надеж во Неговото милосрдие. Зашто само така ќе добиеме простување на своите гревови.
Покајанието и исповедта се составен дел на нашиот личен подвиг. Покајанието буквално значи да се промени нашето мислење, а со тоа да се промени и нашата личност, се разбира кон подобро. Преку покајанието најмногу се гледа и се манифестира Божјата љубов и трпение. Ние луѓето заради својата несовршеност честопати знаеме да застраниме од патот на вистината, а добриот Бог секогаш ќе најде начин да ни се открие и да нè врати во Својата пазува. Ако гревот е основно и егзистенцијално промашување во животот, тогаш покајанието е методот со чија помош повторно ја воспоставуваме нарушената и промашената заедница со Бога. Покајанието никогаш не завршува, за нас христијаните покајанието е начин на живеење и начин на постоење.