Да го задржиме нашето внимание на Христовите зборови: „Сиромавиот умре, а ангелите го однесоа во пазувите на Авраама“ (Лука 16, 22). Иако овие зборови се земени од парабола, не треба да се сомневаме во нивното значење, зашто и ликовите од параболите носат во себе карактеристики на стварноста.

Како што смртта и погребението на богатиот се дел од реалноста, така и носењето на душата на бедниот, спасена преку неговото трпение, е плод на вистинско созерцание. Еве, споредете! Ако Светото писмо ни посочува дека душите на светите луѓе по нивното заминување од телото биваат земани од ангелите, зарем тоа не е во целосна согласност со преданието, кое преку иконата ни сведочи дека Пресветата душа на Божјата мајка, Која е повозвишена од Ангелите, по нејзиното напуштање на телото била примена од нејзиниот Божествен Син. Според друго предание, кај неа бил испратен ангел уште пред нејзината смрт за да ја извести за нејзиното скорешно заминување од овој свет. Подоцна, собор од ангели ја пречекал и поздравил со небесни песнопенија, а одекот од овој звук го чуле само достојните за време на нејзиното погребение.

Погледнете каква многуобразна премудрост сокриле во ликот на иконата нашите богомудри отци! Тие ни го претставија не само корисниот спомен од видливото минато, туку и таинственото созерцание на невидливото од областа на идниот век.

Иако недостижно, сепак, колку е слатко и прекрасно ова возвишено созерцание! Колку само сјае во него љубовта на Божествениот Син кон Неговата Благодатна Мајка! Каква точност на Небесниот судија во давањето според делата на земниот живот! Како што Пресвета Богородица го носела Божјиот Син во своите раце за време на Неговото детство, така и Тој ѝ возвраќа, носејќи ја во Своите раце нејзината душа на самиот почеток на нејзиниот небесен живот.

Митрополит Филарет Московски