Псалми 48:9

Си спомнуваме Боже, за Твојата благост, среде Твојот Храм.

 

Драги браќа и сестри,

Исправени сме пред уште една заедничка мисија која треба да нѐ сплоти во добродетелноста, дарежливоста и љубовта кон храмот на Светите Кирил и Методиј во Струмица. Вековниот храм Божји кој повеќе од 100 години бил и е наша утеха, надеж, прегратка, закрила во премреженијата,  денес се распаѓа пред наши очи.

         

Неколкуте неуспешни обиди да добиеме финансиски средства од министерството за култура, под чија надлежност е грижата за самиот објект, не ни остави простор освен самите ние да го заштитиме  она што е неразделив дел од сите нас.

Откако не ни беа одобрени финансиски средства ниту за изработка на проект, целокупната документација за овој реконструктивно- градежен зафат ја изработи градежната компанија „Жикол“ во соработка со стручните лица од НУ Завод и музеј Струмица, давајќи ја како дар за Црквата.

 Не смееме да дозволиме незаинтересираноста и негрижата на државните институции да му пресудат на храмот кој ги надминува и времето и просторот. Не смееме да дозволиме влагата, мувлата и коровот да го нагрдуваат убавото лице на на нашата светиња, која се одликува со специфична архитектонска посебност и уникатност.

Нашата љубов кон храмот на Светите Кирил и Методиј ќе ги надмине сите ограничувања, по зборовите на светиот апостол Павле: „И како што изобилувате во сè, во верата, во словото, во знаењето, во секаква ревност и во љубовта кон нас, покажете го своето изобилство и во ова дело на љубовта.“

жиро сметка: 300030000110760

Комерцијална Банка АД Скопје

Цел на дознака: Донација за храмот на Св. Кирил и Методиј

За сите дополнителни информации слободно обратете се во управата на храмот на Светите Кирил и Методиј