ОПСЕСИЈА

Небото треба да почне да плаче,
чиниш мора да ја почитува тагата на времето.
Сјајот на сонцето и неговиот одраз
во лицата на децата од лулките —
така изгледа среќата кога ќе реши да се отелотвори.
Немоста на сликата измачува.
А еве го, звукот..
Музика од утрински срамежлива виолина
и нежно тропкање на прибор за јадење…
Ноќта распослана како некоја дама во својот најсвечен фустан,
лежи на морскиот брег.
Брановите еден по еден ја исполнуваат својата симфонија,
и влеваат немир заради својата совршеност.
Колку повеќе се трудам да го чујам морето,
толку е тоа подалеку.