Време е ..(2)

Време е да се загледаме
малку подолго во сводот плав,
во Онаа која е поширока и од небесата над нас

Време е да оставиме темнината да ни ја
осветли светиот пламен оти он знае како се живее додека восокот под него се топи

Време е да слушнеме подобро што ѕвоната кажуваат оти татнежот нивен ја кине вонземната тишина оставајќи ја пак совршена

Време е да оставиме мирото да не’ потсети на една плаштаница чија крв уште не сме ја испрале

Време е да после голтката и залакот пробаме да ги исплакнеме бар своите валкани нозе оти за другите не сме ни достојни

Време е
Гордоста да си ја искамшикуваме
Среброљубието со бодликав венец да си го крунисаме
Предрасудите ни’ на крстот да си ги заковаме
Славата да си ја распнеме
Па да видиме да не случајно
смислата и вистината ги најдеме
токму таму каде ги прогонивме

Време е барем да се обидеме да се воскреснеме !
(К.П.К.)