Знам дека многумина од вас наскоро ќе дојдат и ќе пристапат кон духовната трпеза; за да не биде на наша штета и осуда, а да добиеме спасение на душите – јас уште отсега ве предупредувам и искрено ве молам да се очистиме самите себе од секакво зло и тогаш да пристапиме кон Светите тајни.

Никој да не вели: јас сум  покриен со чад, совеста ми е полна со гревови, носам тешко бреме од пороци, не сум достоен за таа трпеза.

Тие пет дни се доволни за да се очистиш од множеството гревови; ако духовно се отрезниш, ако се молиш покајно, ако си бодар од сè срце. Ти не гледај на тоа што времето е кратко, туку насочи се на друго; дека Господ е милостив и човекољубив. Ниневејаните и за три дни успеале да се ослободат од Божјиот гнев и ни најмалку не им попречила краткотрајноста на времето да пројават усрдие, да покажат покајание, да постигнат сè со помош на човекољубивиот Господ.

И блудницата кога пристапи кон Христа за еден миг ја соблекла од себе сета нечистотија, тогаш Јудејците негодувале против Христа. Но, Тој ѝ дозволил да дојде при Него и да покаже толкава смелост. Тој им ја затворил устата, а нејзе ѝ простил и ја отпуштил. Зошто направил така?

Затоа што блудницата пристапила кон Христа со срдечно расположение, со огнена душа и со вера и се дофатила до светите нозе на Господа, ги расплела косите, пролеала солзи и разлеала миро. Преку она со што ги соблазнувала Јудејците, со тоа и постигнала покајание; преку она со што ги возбудувала погледите на похотливите, со истото проеала обилни солзи; преку оние коси со кои многумина вовлекла во грев, со тие таа ги истрила нозете на Господа. Преку она миро, со кое ги мамела душите, со него таа обилно го помазала Исуса Христа. Така и ти човеку, со што си Го разгневил Бога, со истото можеш и да Го умилостивиш. Си Го разгневил со кражба на пари, умилостиви Го со враќање на украденото и со благотворие од тебе, исто како што направил Закхеј. Си го разгневил Бога кога си се обидел против многумина да злословиш, ти пак умилостиви Го со чисти молитви, со благословување на оние што си ги злословил и ќе им простиш на злоречивите и ќе им благодариш на тие што те сакаат. За сето тоа не е потребно многу време – не e до големината на деновите, туку до квалитетот на покајанието од кое се раѓа спасението.

Причестувањето со Светите тајни, всушност е примање на Царот на царевите во својата душа, а каде Царот пристапува и влегува, таму треба да има чистота, срдечна љубов, длабок мир, искрена вера и синовска предаденост. Тогаш Царот е задоволен, а слугата радосен.

Св. Јован Златоуст