Господ рекол: „Јас не дојдов да му судам на светот, туку да го спасам“ (Јн. 12, 47). Во доаѓањето на Исус Христос ни се објавило спасението, оти ни се појавил Самиот Спасител. Милосрдието Божјо е неискажливо и неразбирливо за нас озлобените и грешните. Нашите грешки, пред милосрдието Божјо, се како каменчиња пред морската шир која лесно ги проголтува. Љубовта Божја е оној оган во кој согоруваат човечките гревови, во кој и самата душа станува чиста како злато.
Треба да имаме само волја за спасение. Господ им ветил живот вечен на оние кои ќе поверуваат во Него.
Во книгата „Духовна градина“ се раскажува за тоа како требало да биде извршено некое погубување на еден разбојник и како некој монах тргнал заедно со толпата луѓе кон местото на погубувањето. Осуденикот го погледнал и го прашал монахот: „Оче, зошто не седиш во ќелијата, туку си дошол овде?“ Монахот одговорил: „Брате мој, страдам од бесчувствителност и затоа дојдов на плоштадот за да видам, кога ќе те погубат, дали срцето ќе ми затрепери, а и за да почувствувам дека смртта го чека секој од нас.“ Разбојникот рекол: „Оче, а зарем не знаеш дека откако Христос дојде повеќе никој не умира? Да, грешниците кои се каат добиваат живот вечен!“ Значи, овој разбојник принел такво покајание во својот последен ден, така што Господ му дал пред погубувањето да почувствува дека му е простено и дека пред него се отворени дверите на вечниот живот.
Но, браќа и сестри, Господ при Своето Второ Доаѓање ќе дојде како Судија!
Во Патерикот се зборува за еден игумен, кој молел од Бога сите негови браќа од манастирот, кои ги сакал повеќе од што таткото ги сака своите деца, да бидат засекогаш заедно со него. И еве, во соседниот манастир се празнувала манастирска слава. По традиционален обичај, таму се упатиле монасите од обителта, во која старешина бил овој игумен. Браќата отишле порано, а тој самиот се задржал тргнувајќи последен од манастирот.
Успеал да помине еден дел од патот, и тогаш видел како на крајот лежи еден човек кој крвави и плаче молејќи за помош, зашто бил изгризан од диво животно. Игуменот се зачудил: „Зарем неодамна не поминаа одовде монасите, и зарем тие не го видоа ова?“ Секако дека виделе, но му рекле самиот да оди пеш и дека тие никако не можат да му помогнат.
Тогаш старецот-игумен го подигнал ранетиот на рамена, зашто човекот воопшто не можел да оди и го понел накај селото, каде можела да му биде укажана помош. Товарот бил тежок, но тој чувствувал како тежината се намалува со секој нареден чекор. А потоа, тежината потполно исчезнала и човекот, кого го носел, станал невидлив, како без никаква тежина. Тогаш игуменот во недоумица слушнал глас од небото: „Ти секогаш се молиш за своите ученици да се удостојат со вечен живот, но делата твои се едно, а делатa нивни се друго. Ако сакаш твојата молба да биде исполнета, убеди ги да постапуваат така како што постапуваш ти. Јас сум Праведен Судија: секому давам според делата негови“.
Архимандрит Рафаил Карелин