Таму, длабоко во нас, многу добро знаеме кои сме. Честопати сме исткаени од лицемерие. Едно им покажуваме на другите, а друго во реалноста.

Вчера ја завршив исповедта. Го отстранив епитрахилот и бев подготвен да го изгаснам светлото во канцеларијата за да си заминам. Но, не стасав да го сторам тоа. Вратата се отвори и се појави еден човек, кого често го гледам во храмот, но и надвор по улиците. Уште пред да каже нешто, почувствував дека има пиено. Мирисаше на алкохол. Ми вели: „Оче, и јас сакам да се исповедам!“ Бев на граница да го одбијам со помислата „ќе си го губам времето со него“, како да не го заслужуваше мојот труд и внимание. На крајот, преку Божјата благодат, ја отфрлив таквата помисла.

– Во ред, влези внатре! – му реков.

Чекорите му беа едниот налево, а другиот надесно. Конечно седна на еден стол.

Започна исповедта. Слушнав многу за три минути. Го слушнав гревот во сурова форма без оправдување, без украсени зборови, без претходно обработено сценарио „како ќе го кажам“. На усните сè уште имаше алкохол. Иако со матна глава, овој човек имаше покајание. Пијан, но и покајан. Веројатно звучи чудно. Но го почувствував тоа. Нормално, првото нешто што го призна е пиењето, а потоа и многу други нешта … И покрај своето пијанство, тој ги сфаќаше своите гревови, својата трагедија и суетата на животот.

Ова го кажувам, бидејќи многупати паѓаме во замка и сметаме за ваквите луѓе дека се „пропаднати“, но Бог има поинаква волја. Од друга страна, ние што живееме донекаде „благоразумно“ мислиме дека сме духовно сигурни, но, за жал, живееме во лицемерие, кое ни создава „духовни фантазии“ и всушност нè хипнотизира. Не разбираме дека на еден начин се претставуваме себеси пред другите, а всушност сме поинакви. И не само ова. Најважното е дека одбиваме да ја видиме нашата реалност.

Овој пијан човек се исповеда, како што малкумина се исповедале пред мене. Кој ли Му е поугоден на Бога, си помислив. Овој човек или сите оние христијани кои лесно осудуваат, укоруваат, онеправдуваат (во име на нивната правда), кријат злоба и мразат, амнестирајќи ја својата себичност? Кој му е поугоден на Бога – овој „маргиналец“ или јас? На Бога секако не му е угодно да се опиваме или да паѓаме во разни гревови, но да не заборавиме дека единствените на кои Господ жестоко и отворено им се спротивстави беа лицемерите. Тој не ги разобличи грешниците, туку лицемерните фарисеи, кои својата злоба ја криеја зад наметката на благочестието и законскиот формализам. Кога лицемерието ќе биде умртвено во нас, тогаш веројатно искрено ќе се покаеме и отворено ќе се исповедаме. Зашто друга карактеристика на лицемерите е да му покажат едно лице на својот духовен отец, а поинаку да се претставуваат пред луѓето.

Архимандрит Павел Пападопулос